БРОЈОТ НА ВРАБОТЕНИ ПОРАСНАЛ ЗА 17.000 ВО ОДНОС НА 2024 ГОДИНА Стапката на невработеност е намалена од 12,5 на 11,3 проценти
Ова не се политички процени, туку официјални податоци од Државниот завод за статистика - истакна пратеникот Стојаноски.
Официјалните податоци за пазарот на трудот покажуваат позитивни поместувања и ги потврдуваат ефектите од економските политики што ги спроведува Владата – во првото тримесечје од 2026 година во земјава биле евидентирани 707.385 вработени лица, додека во второто тримесечје од 2024 година нивниот број изнесувал 691.736 – рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.
– Тоа значи дека денеска во Македонија има близу 17.000 повеќе вработени лица – рече Стојаноски
Според него, стапката на невработеност е намалена од 12,5 на 11,3 проценти, додека стапката на вработеност е зголемена од 45,6 на 46,5 проценти.
– Ова не се политички процени, туку официјални податоци од Државниот завод за статистика – истакна Стојаноски.
Тој оцени дека бројките покажуваат оти се отвораат нови можности за младите, за невработените и за граѓаните кои сакаат да започнат сопствен бизнис.
Стојаноски нагласи дека резултатите се поддржани со активни политики на пазарот на трудот, поддршка за домашните компании и привлекување нови инвестиции.
– Оперативниот план за вработување за 2026 година е вреден речиси 40 милиони евра и предвидува опфат на повеќе од 10.000 лица – рече тој.
Од вкупниот износ, како што посочи, повеќе од 32 милиони евра се наменети за создавање нови работни места.
Посебен акцент, според него, е ставен на младите.
– Со Оперативниот план е предвидено вклучување на речиси 6.000 лица до 29 години – изјави Стојаноски.
Тој додаде дека за околу 3.500 млади лица до 23 години, вработени во производствени капацитети, е предвиден младински додаток од 3.000 денари.
Според него, преку обуки, практикантства, преквалификации и мерки за стекнување нови вештини, младите ќе добијат подобри можности за полесно вклучување на пазарот на трудот.
Стојаноски рече дека преку мерката за самовработување и претприемништво се очекува отворање на повеќе од 2.000 работни места.
Дополнително, преку мерката за поддршка за креирање нови работни места треба да бидат опфатени уште над 1.500 лица.
– Само преку овие две мерки се обезбедува директна поддршка за повеќе од 3.500 нови вработувања – посочи тој.
Тој потсети и на мерките реализирани во 2025 година, кога преку Програмата за самовработување со грант биле поддржани повеќе од 2.600 лица, од кои речиси 1.500 биле млади до 29 години.
– Како резултат на оваа поддршка беа отворени околу 2.200 нови деловни субјекти – рече Стојаноски.
Тој нагласи дека целта не е само статистичко намалување на невработеноста, туку создавање одржливи и подобро платени работни места.
– Не велиме дека сите проблеми се решени. Потребни се уште работа, инвестиции и реформи. Но денес имаме јасни показатели дека преземените мерки даваат резултати – изјави Стојаноски.