Ужас без крај, но сепак: не дека е крај на светот…

Уште што друго им треба на шупелкиве за да ја разберат подмолната стапица поставена од бугарија и еу на македонскиот евроинтрегративен пат? Локалнава бугаровидна номенклатура е глупава, но не баш толку за да не умее да го прочита напишаното, црно на бело.

75

Не знам, не сакам да шпекулирам дали пред ден-два имало тивко славје на „Бихаќка“, ама сигурен сум дека многумина славеле „во себе“, им лекнало што во евроизвештајот за Македонија останале и „вториот протокол“ и сѐ друго што ја кочи земјава во отворањето на пристапните преговори. И немам дилеми дека се точни – некои баш запнале да мислат дека се пресудни! – и многу други наводи за нашето неспроведување на очекуваните реформи (особено во правосудството), во борбата против корупцијата, заштитата на животната средина итн. Иако тие немаат никаква врска со почетокот на македонските пристапни преговори!

Зашто, замислете, според идејата на онаа „демократија“ викана еу (малите букви се…), во сите аспекти на започнувањето на пристапните преговори подобри од нас се дури и една Молдавија, па Украина (земја во војна), па и Албанија…! А Украина не си ги знае ни границите, ама ги исполнува условите за почеток на преговори.






Со таква „демократија“ тешко е да се бориш, особено кога и дома имаш идентични „демократи“!

Но ужасот без крај не е и крај на светот, иако кога ја гледате таа „еу демократија“ и тој еу парламент, кога слушате кој сѐ има право таму да тресе глупости, да крева два прста и да одлучува за нечии судбини…, крајот на светот сепак ви се гледа многу блиску, нели. Она што Македонија го помина во овие 22 години како земја кандидат, сето она што моравме да го голтаме од коекакви не само бугарски бивши уличари и ултранационалисти туку и од високопозиционирани полуписмени европски „демократи“ е – ужасно. А сепак, крајот на ужасот, барем во еден мал дел, зависи и од нас!

И повторно: иако не е баш крај на светот, ние се чини успеваме да стасаме и до последната граница на глупоста, до апсурдот односно неговиот пароксизам: странците – поточно известувачот за Македонија во европскиот парламент, голем дел од пратениците, како и видни политички имиња од меѓународната јавност – да укажуваат на неодржливоста на „вториот протокол“ во македонските евроинтеграции и да бараат негово премостување, додека еден грст домашни политиканти – или зошто не би ги викале „бугараши“? – хистерично инсистира на паролата „Бугари во Устав“!

И тоа веќе не е незнаење, неукост, политикантство…, не е само ни некаков ирационален инает или што и да е што произлегува од некакви патолошки состојби…. Ова дефинитивно смирисува – поточно: баш смрди! – на заедничка агенда, на исполнување на некакви и нечии желби…, на систем што треба целосно да ја понижи не само новата власт туку со неа и целата држава и да ги дезавуира сите компетентни предупредувања за можните далекусежни и крајно непредвидливи последици од таквото инсистирање. Се создаваат и локални непринципиелни коалиции, непримерни „дружби“ на шуто и рогато, на „смртни“ непријатели (или сето тоа во минатото била само глума?), се шират не само лажни вести (што потоа се припишуваат на „прокси војната“ и Русија) туку и алармантни „видовитости“ и предупредувања…

Клиентелистичките мегафони ечат на најсилно – загрижени се наводно за иднината на земјата зашто општеството било „прилично дезориентирано“ и без „верба во иднината“, онаа иднина без нивните газди на кормилото на државата. И ете, заради тоа не ќе можеле да градат демократија (sic). Како воопшто некогаш да имале такви амбиции! Угурсузи, ѓубреџии, бедни платеници…

Згора, ако навистина некој низ „општествово“ шири дезориентираност, апатија, песимизам, сомнежи во функционалноста на власта и нејзината предодреденост, или посветеност, како сакате, на евроинтегративниот пат, тогаш тоа била токму нивната номенклатура и никој друг. Пардон – и на нивниот бивш криминално-коруптивен коалициски партнер, сега нокаутиран и избркан во длабока илегала од која што тук-таму крева глава за да посее уште некое зрнце омраза и кавги. Но за тоа во некоја следна прилика.

И од секој нивен збор, безмалку од секоја нивна мисла, се истура некакво ужасно патолошки болно задоволство што, ете, бугарското мнр (малите букви се…) ни држи лекција дека палењето на два автомобили на бугарската амбасада во Скопје е „резултат на агресивен политички говор, поттикнување омраза и недостаток на соодветен одговор од страна на институциите во претходни слични случаи, што создава чувство на неказнивост за сторителите“. Ама никако да ги идентификуваат сите оние претходни историски „лекции“ што оваа држава мора(ше) да ги голта од нивните диригирани приземни историци, па дури и да се правда пред Европа и светот дека и ние имаме право на самоопределување, на самоидентификација и културна реализација, дека дури ни еу нема право на мешање во Уставот на суверена замја-кандидат итн. Па можно ли е на еден португалски европратеник да му е јасно дека во случајот со Македонија станува збор не за политика на проширување или за „Копенхашките критериуми“ туку за познатата девиза „раздели па владеј“, но на овдешната клиентелистика сето тоа да им е – нормално?

И одеднаш, баш Владата во Македонија е таа што „овозможи атмосфера во која Бугарија се смета за најголем душман на Македонија“, ама тоа, според сѐ, не е така, нели? И баш ние а не бугарските ултранационалисти сме тие кои „придонесоа денес да живееме во експлозивен амбиент кога ќе се спомене источниот сосед“?! Па нормални ли се овие луѓе, има ли нивниот клиентелизам и подаништво граници или баш сѐ е дел од нивната алаш-вериш „политика“?

И уште колку шамари треба да им поделат Радев и сега Борисов, кој хируршки прецизно и по којзнае кој пат потенцира дека: „Бугарите мора да бидат вклучени во Уставот на нашиот западен сосед, за да може да го почне својот суштински процес на преговори. За да продолжат овие преговори и Договорот за пријателство и добрососедство и сите негови протоколи мора строго да се спроведуваат, како што всушност е предвидено во европската преговарачка рамка. Сè друго ќе наиде на недоразбирање и широк институционален и јавен отпор, и во Бугарија и во Европа“ (sic!).

И за да ужасот без крај се комплетира, дали и понатаму ќе слушаме дека грижата за идентитетот ни е само алиби за блокада, дека самите си копаме подлабоко во живиот песок на балканската изолација, па дури и дека некаква наша манифестирана фрустрација кон Западот не е ништо друго туку подготовка за промоција на некаква „резервна варијанта“ односно аплицирање на турскиот капитал како примарен економски и политички сурогат?

Уште што друго им треба на шупелкиве за да ја разберат подмолната стапица поставена од бугарија и еу на македонскиот евроинтрегративен пат? Локалнава бугаровидна номенклатура е глупава, но не баш толку за да не умее да го прочита напишаното, црно на бело. Што повторно ќе рече дека ова веќе одамна не се само наивни опозициски игри за политикантско поткопување на новата власт, особено во делот на европолитиките. Дали сега ни е појасна улогата на сите оние празноглави „мудреци“ кои веќе две години долж и попреку фрлаат дрвја и камења дека некој овде ирационално, свесно и намерно заостанува на еу линијата, кои пелтечеа за неспроведувањето на потребните реформи сакајќи да ги прикријат децидните изјави на „маршалот“ со пластична ѕвезда Радев и неговиот пиштолџија Борисов и основниот план: ни чекор понатаму кон еу?

И до кога „бугарашиве“ ќе го потхрануваат овој ужас без крај? Или навистина мислат дека тој веднаш ќе сопре во моментот кога би ги впишале оние 250 Бугари во Уставот?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини