ИРАНСКИ ФУДБАЛЕР ПРОСЛАВИ ГОЛ СО ПРОВОКАТИВЕН ГЕСТ Симулираше пукање со пушка во публиката

Мечот помина во тензии, за време на иранската химна публиката беше поделена, па некои свиркаа, додека други ја поздравија.

75

Натпреварот од Светското првенство меѓу Иран и Нов Зеланд, одигран во Лос Анџелес, заврши со резултат 2-2, но контроверзната прослава на голот на иранскиот репрезентативец Мохамед Мохеби го засени фудбалот.

Средбата мина во тензии, за време на иранската химна публиката беше поделена, па некои свиркаа, додека други ја поздравија.






Стрелецот на израмнувачкиот гол за 2-2, Мохеби, откако постигна гол, се сврте кон трибините и гестикулираше како да пука со пиштол. Овој потег предизвика лавина од коментари на социјалните мрежи и го подели јавното мислење. Со оглед на длабоките политички поделби меѓу иранската дијаспора во Соединетите Американски Држави, овој потег веднаш беше протолкуван како политичка порака.

Критичарите го оценија потегот на Мохеби како отворена агресија кон неистомислениците. Еден од коментаторите на социјалните мрежи истакна дека прославата била одвратна бидејќи се преправал дека пука со прст кон Иранците, кои го мавтаа знамето со лав и сонце, нарекувајќи го тоа директна закана и доказ дека играчот е марионета на режимот, а не претставник на народот. Друг корисник беше уште порадикален, наведувајќи дека такви работи се случуваат кога се пуштаат терористи, додека поединци повикаа иранските фудбалери да бидат депортирани од земјата поради овој инцидент.

Некои навивачи ја повикаа ФИФА да го истражи инцидентот. Самиот Мохеби нагласи дека станува збор исклучиво за прослава.

– Сакав да им се заблагодарам на сите Иранци што живеат во Лос Анџелес, тие создадоа одлична атмосфера. Прославата ми падна на памет во моментот, а гестот беше наменет за сите навивачи, само како прослава – изјави тој.

Соиграчот на Мохеби, Рамин Резаијан, исто така привлече внимание и откако постигна гол, го покри лицето со дресот додека трчаше кон навивачите. Запрашан за сопствената прослава, тој призна дека имало политички елемент, но одби да навлегува во детали.

Поврзани содржини