МОЖЕ ДА ЈА ВОДИ РУСИЈА ДО 2036 ГОДИНА, НО РАНО МУ Е Путин не размислил дали ќе се кандидира во 2030 година
Рускиот претседател порача дека во моментов не размислува за изборите во 2030 година, но потсети дека Уставот му дозволува повторно да се кандидира по истекот на актуелниот мандат.
„Во моментов дури и не размислувам за тоа.“
Вака рускиот претседател Владимир Путин одговори на прашањето дали ќе се кандидира на претседателските избори во 2030 година, иако Уставот му дозволува повторно да влезе во трката.
Одлуката ја остави за подоцна.
– Навистина, Уставот дозволува кандидатура во 2030 година, но мислам дека е прерано да се зборува за тоа, навистина е многу рано – изјави Путин на средба со раководители на меѓународни новински агенции во Санкт Петербург.
Може да остане до 2036 година
Рускиот лидер во март 2024 година освои нов шестгодишен мандат кој трае до 2030 година.
Доколку повторно се кандидира и победи, би можел да остане на власт до 2036 година.
Тоа би значело повеќе од три децении на врвот на руската политика.
Приоритет му се актуелните проблеми
Путин рече дека Русија во моментов се соочува со сериозни предизвици.
Според него, вниманието треба да биде насочено кон прашањата што се важни за иднината на државата.
– Русија има големи, големи и итни задачи – изјави рускиот претседател.
Изјавата беше дадена на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, кој се одржува од 3 до 6 јуни.