ЛАВРОВ ВО ТЕХЕРАН НА РАЗГОВОРИ СО ИРАНСКИОТ ВРВ Се стравува од нова воена ескалација

Русија и Иран потпишаа договор за стратешко партнерство со кој се предвидува продлабочување на воената и економската соработка во следните 20 години, но тој не содржи клаузула за заемна одбрана во случај на војна.

0

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска во раните попладневни часови пристигна во Техеран, во посета што се одржува во услови на продолжени воени тензии меѓу САД и Иран, објавија локалните медиуми.

Иранското министерство за надворешни работи соопшти дека на агендата на посетата се разговори за спроведувањето на билатералните договори и за консултации за регионалните случувања. Покрај средбата со иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, планирана е и средба со претседателот Масуд Пезешкијан.






Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека се очекува разговорите да ги опфатат заедничките логистички и енергетски проекти, како и состојбата во Персискиот Залив и начините за излез од меѓународната криза, за која Москва ги обвинува „нелегалната агресија на САД и Израел против Иран“.

Иранското раководство стравува од нова воена ескалација, а политичарите и генералите очекуваат напад од САД или Израел. Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот на октомври изјави дека нема намера повторно да го нападне Иран пред конгресните избори на средина на мандатот, закажани за 3 ноември.

Кремљ е важен сојузник на иранското раководство, а Техеран пред сè се надева на воена поддршка од Москва. Иран веќе неколку години се обидува да набави современи борбени авиони и системи за противвоздушна одбрана од Русија, но можностите на Москва за обезбедување воена помош се ограничени поради војната во Украина.

На почетокот на 2025 година Русија и Иран потпишаа договор за стратешко партнерство со кој се предвидува продлабочување на воената и економската соработка во следните 20 години. Сепак, за разлика од договорот на Русија со Северна Кореја, тој не содржи клаузула за заемна одбрана во случај на војна.

Поврзани содржини