Конечно, глас и јазик што не звучат понижено
Изјавата дека „нема повеќе идентитетски отстапки“ не треба да се чита како антиевропска порака, туку како обид конечно да се постави црвена линија. Секој државник што има минимално чувство за себе би го направил истото.
Во македонската политика долго време недостигаше едно нешто, а тоа е чувство дека државата разговара со Европа исправено, а не со наведната глава и подвикан ‘рбет. Затоа пораките што премиерот Христијан Мицкоски ги испрати денеска од Охрид, по средбата со Андреј Пленковиќ, заслужуваат внимателно читање, а не автоматски аплауз или автоматска осуда.
Да се каже дека Македонија останува посветена на Европската Унија, а истовремено да се признае дека процесот одамна престана да биде чисто европски и се претвори во билатерален лавиринт не е радикализам. Тоа е констатација што денес тешко може сериозно да се оспори.
Проблемот не е во Европа како идеја. Проблемот е што Македонија со години добиваше порака дека секоја нова отстапка ќе биде „последната“. Секој компромис требаше да ја отвори вратата, а секоја нова врата водеше до нов услов. Во таква атмосфера, сосема е природно кај граѓаните да се создаде чувство дека критериумите не се исти за сите.
Токму затоа изјавата дека „нема повеќе идентитетски отстапки“ не треба да се чита како антиевропска порака, туку како обид конечно да се постави црвена линија. Секој државник што има минимално чувство за себе би го направил истото. Европа не смее да бара од земјите-кандидати да се откажуваат од сопственото чувство за национален континуитет за да докажуваат дека се „доволно европски“.
Секако, ваквиот став носи ризици. Полесно е да се ветува брз напредок отколку да се соопшти дека можеби ќе следува подолг и потежок пат. Но политиката не е само трговија со надеж, туку и управување со реалноста. А реалноста е дека Македонија предолго влегуваше во непринципиелни преговори на своја штета во кои однапред бевме ставени во дефанзива.
Добро е што премиерот Мицковски паралелно зборува и за реформи, за Планот за раст и за Реформската агенда. Затоа што ако веќе европскиот пат е блокиран од политички причини, тогаш единствениот разумен одговор е државата внатрешно да стане поевропска, со институции, економија и систем, а не само со декларации.
Особено важна е и пораката дека партнерствата во регионот мора да се градат стратешки. Договорот со Хрватска не е спектакуларна геополитика, но е пример како се создаваат сојузништва со држави што поминале низ сличен пат и знаат што значи долгото чекање пред европските порти.
Секако, оваа влада ќе треба да покаже дека зад цврстата реторика има и реални резултати. Патриотизмот без реформи брзо се претвора во политички фолклор. Но исто така е точно дека реформите без достоинство ја претвораат државата во вечен кандидат што постојано нешто докажува, а никогаш не стигнува до целта.
Република Македонија не треба да се откажува од Европа. Но, исто така, не треба повеќе да се однесува како ученик што постојано бара дозвола да биде тоа што е. Европа може да нè прифати или да нè одбива, но конечно мора да разбере дека Македонија и Македонците имаат достоинство, став и национална самосвест и дека повеќе не сакаат да чекорат кон Европа со свиткан ‘рбет.