ЦЕНАТА НА БАКАРОТ ВО СВЕТОТ ВРТОГЛАВО РАСТЕ Македонија контра извозниот модел на економија кој го препорачуваат експертите

Додека светот трага по бакар, Македонија не ги искористува своите потенцијали. Според информациите, од четирите актуелни рудници за метали кај нас само рудникот „Бучим-Боров дол“ ископува бакар, но капацитетите таму се намалуваат.

84

Бакарот го продолжи својот ценовен раст и сега се приближува кон нов рекорд. Ова се должи на закрепнувањето на кинеската побарувачка поради модернизацијата на електропреносната мрежа, како и грижите за глобалните залихи.

Цените на берзата во Лондон пораснаа за уште 2%, со што се достигна нивото од 14.000 долари за тон. Ова беше првпат бакарот да порасне над тоа ниво откако достигна врв од 14.500 долари за тон во јануари. Цената порасна и на американскиот пазар поради можноста Вашингтон да воведе нови царини за бакарот. Металот, кој често се смета за показател за глобалната економија, доби на интензитет во последните недели, поради неколку фактори, а меѓу нив е и закрепнувањето на побарувачката од водечкиот потрошувач – Кина. Податоците покажуваат дека залихите на бакар во Кина се намалуваат, што е знак за зголемување на побарувачката, а кинеската државна трговска компанија издаде прогноза за висока побарувачка за бакар и во следната деценија.






Ризиците за снабдување се интензивираа и поради воените дејствија во регионот на Заливот, бидејќи се очекува намалувањето на снабдувањето со сулфур од Блискиот Исток да влијае на глобалното производство, зашто приближно една петтина од светскиот ископан бакар се потпира на сулфурна киселина како инпут во производството.

Дополнително, американските инвеститори сега чекаат ажуриран извештај од секретар за трговија на САД за домашниот пазар на бакар, кој треба да биде доставен до 30 јуни. Во исчекување на одлуката за царината, досега оваа година, цените на бакарот се зголемија за повеќе од 10%.

Додека светот трага по бакар, Македонија не ги искористува своите потенцијали. Според информациите, од четирите актуелни рудници за метали кај нас само рудникот „Бучим-Боров дол“ ископува бакар, но капацитетите таму се намалуваат. Активна концесија за геолошки истражувања за бакар и злато во моментов има во кратовско, а геолошки истражувања за бакар, олово, цинк, злато и сребро има и компанијата „РИ Пела“, која сепак фокусот најверојатно ќе го постави на истражувањата за антимон во кривопаланечко.

Геолошки истражувања за бакар во Иловица веќе спроведе компанијата „Еуромакс ресоурцес“, на која поради административни и правни пречки не и е доделена концесија за експлоатација. Истражувањата покажаа присуство на повеќе од 500 милиони тони минерализирана руда која содржи бакар и злато. Со планирано производство од 16.000 тони бакар годишно, рудникот Иловица-Штука би можел да генерира извоз во вредност од околу 200 милиони долари годишно, зависно од движењето на светските берзански цени на бакарот.

Според истражувања на геолозите Македонија поседува големи количества на бакар, а тоа се потврдува и во Стратегијата за минерални суровини 2026-2046 која ја изготви МАНУ.

„Македонската економија како мала отворена економија треба да работи на градење на модел кој ќе биде базиран на извоз каде секторот рударство и вадење на камен ќе има свој придонес имајќи го предвид фактот дека овој сектор е извозно ориентиран и неговиот придонес може да биде од исклучителна важност“, пишува во Стратегијата.

Според авторите, Македонија треба да се промовира како лидер во овој дел на Европа во полето на рударството и истражувањето на минералите, а македонските претпријатија треба да работат во многу ефикасни кластери во партнерство со универзитети и истражувачки институти. Во Стратегијата се потенцира дека властите треба да иницираат повеќе геолошки истражувања и додаваат дека земјава поседува минерали како бакар, олово, цинк и други. Сепак, во Македонија нов сериозен рудник се нема отворено во изминатите четириесет години. Нов стимул се очекува со најавените закони за рударство и геологија, кои би поттикнувале нови инвестиции во рударството со запазување на еколошките стандарди.

Поврзани содржини