ИРАН Е ПОДГОТВЕН И ЗА ВОЈНА И ЗА ДИПЛОМАТИЈА СО САД Според Арагчи, Вашингтон е во состојба на збунетост

Пораките што ги добиваме од американската страна варираат од ден на ден, понекогаш дури добиваме неколку различни пораки во еден ист ден, вели иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи.

0

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи ги обвини Соединетите Американски Држави дека водат недоследна и непредвидлива надворешна политика.

На прес-конференција во Њу Делхи, Арагчи изјави дека американската влада испраќа мешани сигнали.






– Пораките што ги добиваме од американската страна варираат од ден на ден. Понекогаш дури добиваме неколку различни пораки во еден ист ден – рече Арагчи.

Како пример, тој ги наведе изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој изрази огорченост поради предлогот за преговори од страна на Иран.

– Потоа, сепак, повторно добивме пораки од американската страна кои укажуваат дека тие се заинтересирани за продолжување на разговорите и за понатамошна интеракција – рече Арагчи по состанокот на министрите за надворешни работи на БРИКС.

Според него, САД се во „состојба на збунетост“ и немаат стратегија за завршување на војната.

– Секој ден именуваат различни цели. Навистина се надеваме дека разумот и мудроста ќе се вратат во Белата куќа – изјави Арагчи.

Иран е подготвен за сите опции, додаде тој.

– Или ќе се вратиме на бојното поле и во војна или ќе се вратиме на преговарачката маса, ќе водиме разговори и ќе го следиме патот на дипломатијата. Мојата земја е подготвена за двете опции. За нас нема разлика – рече тој.

Поврзани содржини