Од „криминал на векот“ до „нема злоупотреби“: како обвинителството ја руши довербата во системот?
Кај нас веќе станува правило, а не исклучок, големите случаи да започнуваат со спектакл, а да завршуваат со институционален молк. Апсења, прес-конференции, драматични квалификации за „организиран криминал“, милионски бројки и најави за бескомпромисна борба против корупцијата и сето тоа трае додека трае медиумскиот цик(р)лус. Потоа предметите мистериозно слабат, се развлекуваат или целосно се распаѓаат.
Не се само премиерот Христијан Мицкоски и министерот Игор Филков „во шок“ од одлуката да се затвори предметот за мазутот за ТЕЦ Неготино. Во шок е и целата јавност. Не затоа што граѓаните однапред знаат дали некој е виновен или невин, туку затоа што повторно гледаат веќе познато сценарио: бомбастични најави за организиран криминал, спектакуларни сомнежи за милионски злоупотреби, драматични прес-конференции, а потоа, по месеци или години, а предметот едноставно исчезнува во институционална магла.
Пред само една година се говореше за сомнежи тешки над 160 милиони евра. Во јавноста се создаде впечаток дека станува збор за еден од најголемите енергетски и финансиски скандали во државата, па и на Балканот. Во истрагата беа опфатени звучни имиња од бизнисот, политиката и енергетскиот сектор. Се создаде чувство дека конечно се допираат центри на моќ кои долго време биле недопирливи.
Денес, истото тоа обвинителство вели: „не се утврдени злоупотреби“. Тука не завршува проблемот. Тука почнува.
Од „криминал на векот“ до институционален молк
Но токму во образложението на Обвинителството кое беше пласирано во јавноста лежи и суштината на дилемата што денес ја има јавноста. Никој не спори дека мазут бил испорачуван, дека ТЕЦ Неготино работел и дека во услови на енергетска криза државата морала да обезбеди електрична енергија. Но тоа не беше единственото прашање на кое јавноста очекуваше одговор. Прашањето беше дали набавките биле економски најповолни, дали кризата била искористена за енормни профити, дали имало фаворизирање на одредени компании и дали државата можела да набавува под подобри услови.
Фактот што немало рестрикции и што формално постоеле одлуки од Управен и Надзорен одбор не значи автоматски дека не постоеле можни злоупотреби или судир на интереси. Токму затоа дел од јавноста остана со чувство дека Обвинителството повеќе докажува дека системот функционирал технички, отколку што уверливо одговорило дали навистина биле исклучени сите сомнежи за корупција и злоупотреба на кризата.
А кога по една година истрага, драматични најави и сомнежи за милионски криминал, конечниот исход е дека „не се утврдени злоупотреби“, неизбежно се создава впечаток дека уште еден голем предмет се претворил во издуван балон на штета на довербата во правосудниот систем.
Три прашања на кои јавноста очекува одговор
И затоа кога институција која треба да ја брани правдата ќе премине од наратив за тежок организиран криминал до заклучок дека нема кривично дело, тогаш јавноста има право да постави неколку тешки прашања. Првото е: дали првичните сомнежи биле пренадувани за политички и медиумски ефект? Второто: дали истрагата била водена нестручно и без капацитет да издржи сериозна правна проверка? И третото, најтешкото: дали постоеле политички или бизнис влијанија што придонеле предметот да заврши без епилог?
Во држава со висока доверба во институциите, ваквите дилеми би биле помали. Но Македонија одамна не е таква држава. По „Рекет“, по низа паднати или развлечени случаи, по бегства на функционери и по перцепцијата за селективна правда, обвинителството веќе не ужива претпоставка на доверба. Напротив, секоја ваква одлука автоматски се чита низ призмата на политички договори, влијанија и заштита на елити.
Токму тоа е најголемата штета од овој случај. Не само дали некој ќе биде обвинет или не, туку дополнителното рушење на и онака кревката доверба во правниот систем. Сепак, објективноста бара да се каже и нешто што дел од јавноста не сака да го слушне: обвинителството не смее да поднесе обвинение ако нема докази што можат да издржат на суд. Правдата не функционира врз основа на револт, туку врз основа на докази.
Но токму тука се отвора најболното прашање: Дали обвинителството воопшто има капацитет за вакви предмети? Современиот финансиски и енергетски криминал не се докажува со класични полициски методи. Потребни се специјализирани финансиски истраги, форензичари, експерти за јавни набавки, меѓународна соработка, анализа на трансакции, дигитални траги и високо обучени обвинители. Македонија со години покажува дека токму тука е најслаба.
Кога големите случаи се претвораат во издувани балони
Кај нас веќе станува правило, а не исклучок, големите случаи да започнуваат со спектакл, а да завршуваат со институционален молк. Апсења, прес-конференции, драматични квалификации за „организиран криминал“, милионски бројки и најави за бескомпромисна борба против корупцијата и сето тоа трае додека трае медиумскиот цик(р)лус. Потоа предметите мистериозно слабат, се развлекуваат или целосно се распаѓаат. И токму затоа јавноста сè помалку верува дека системот навистина има волја да стигне до крај кога станува збор за моќни политички и бизнис структури.
Без одговорност нема доверба
Дополнителен проблем е што речиси никогаш нема сериозна професионална одговорност за пропаднати предмети. Ако обвинител отвори огромен случај, а потоа истиот целосно се распадне, јавноста заслужува одговор: дали проблемот бил во првичната проценка, во истрагата, во доказите или во нешто друго?
Без вистинска одговорност, системот испраќа опасна порака: дека никој во институциите не одговара дури ни кога ќе се урнат предмети што со месеци биле претставувани како тежок организиран криминал. Во таков амбиент, јавноста сè потешко верува дека станува збор за случајни пропусти, а сè повеќе дека државата едноставно нема сила или нема храброст да се пресмета со луѓе што имаат политичка и економска моќ.
Наместо обид за смирување на шокот и сомнежите на граѓаните со најава на првиот обвинител дека целата постапка ќе биде дополнително разгледана и јасно објаснета, јавноста доби евтин, лаконски и дефанзивен одговор од него дека „не може никому да му се забрани да се јави на телефон“. Во демократски систем комуникацијата меѓу високи државни функционери не е ниту невообичаена, ниту сама по себе претставува притисок. Но токму затоа од првиот обвинител во државата се очекува институционална зрелост и одговор што ќе внесе доверба, а не дополнително да отвора сомнежи и дилеми во јавноста. Во услови на сериозно нарушена доверба во институциите, јавноста очекува многу повисоко ниво на институционална чувствителност, транспарентност и уверување дека секој сомнеж ќе биде темелно расчистен, а доколку се утврди евентуална одговорност кај оние што постапувале во предметот, дека ќе следуваат соодветни законски и кривични последици. Затоа што првиот обвинител во државата мора да биде цврст институционален столб и гарант на независноста, професионалноста и правдата, а не со евтини, лаконски и дефанзивни изјави дополнително да ја продлабочува недовербата во системот и да остава впечаток дека се работи за обид за релативизирање на евентуалните институционални и лични пропусти и одговорности.
Затоа ова не смее да остане само уште една политичка расправија меѓу власта и обвинителството. Потребно е многу повеќе: целосна транспарентност за причините за запирање на истрагата, независна ревизија на водењето на предметот, сериозна анализа на капацитетот на обвинителството, јасни критериуми за професионална одговорност и реформи што конечно ќе изградат институции отпорни на политички и бизнис притисоци.
Но најважно од сè е конечно да се отвори прашањето за суштинска, а не декларативна одговорност во правосудниот систем. Не може обвинители, судии, директори и функционери да носат одлуки со огромни последици врз јавната доверба, а притоа никогаш да нема сериозна институционална евалуација на нивната работа. Независноста не смее да биде изговор за недопирливост. Во секоја демократска држава независните институции се најсилни тогаш кога постои и силен механизам на професионална отчетност.
Кога народот престанува да верува во правдата
Јавноста денес не бара спектакл, ниту политички прогон. Граѓаните бараат чувство дека системот функционира еднакво за сите и дека постои јасна граница меѓу правдата и политичко-бизнис влијание. Кога големи случаи со милионски суми и моќни имиња завршуваат без судска разрешница, а притоа нема темелно и уверливо објаснување, тогаш не се руши само довербата во обвинителството се руши довербата во државата како гарант на правдата.
Особено загрижува што Македонија веќе подолго време влегува во опасен циклус: институциите отвораат предмети со силни јавни квалификации, јавноста очекува пресврт во борбата против високата корупција, а потоа предметите или траат предолго, или се распаѓаат, или завршуваат без конечен епилог. Така постепено се создава колективно чувство дека големите случаи служат повеќе за политички маркетинг отколку за вистинска правда.
Токму затоа потребна е длабока реорганизација на системот: специјализирани обвинителски тимови за финансиски и енергетски криминал; постојана обука за современи финансиски истраги; силна меѓуинституционална координација; независен надзор над чувствителни предмети и редовна јавна отчетност за резултатите од големите истраги.
Во спротивно, секој следен „голем случај“ ќе биде дочекуван со цинизам наместо со доверба. А тоа е најголемиот пораз за едно општество кога граѓаните однапред веруваат дека вистината никогаш нема целосно да излезе на виделина.
Бидејќи најголемата опасност за една држава не е само корупцијата. Најголемата опасност е моментот кога граѓаните ќе престанат да веруваат дека правдата воопшто е можна. Тогаш институциите формално постојат, но суштински ја губат смислата. А кога народот однапред верува дека големите случаи ќе завршат без одговорност, тогаш проблемот веќе не е само во обвинителството, неговиот капацитет и кредибилитет, туку и во самите темели на државата.