СОМНЕЖИТЕ ЗА МИЛИОНСКИ КРИМИНАЛ СЕ ЗАТВАРААТ БЕЗ РАЗРЕШНИЦА Филков очекува одлуката на ОЈО ГОКК да биде преиспитана
Одлуката за стопирање на истрагата за набавката на мазут е уште еден удар врз довербата на граѓаните во правосудниот систем, вели министерот за правда Игор Филков.
Очекувам целосна транспарентност од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и одговори врз основа на кои факти и аргументи е донесена одлуката за запирање на истрагата за набавката на мазутот за ТЕЦ Неготино, вели министерот за правда Игор Филков.
„Одлуката за стопирање на истрагата за набавката на мазут е уште еден удар врз довербата на граѓаните во правосудниот систем. Во време кога јавноста очекува расчистување на сомнежите за милионски криминал и за злоупотреби, добиваме порака дека предмети од висок јавен интерес се затвораат без целосна разрешница“, се вели во соопштението од министерот Филков.
Како министер за правда, сметам дека оваа одлука мора итно да биде преиспитана, додава тој.
„Очекувам целосна транспарентност од ОЈО ГООК. Истовремено и пред да излезе Советот на јавни обвинители со одговор дека будно ја следат состојбата, добро е да знаат дека ваквите одлуки директно ја рушат довербата на граѓаните во правосудниот систем“, порача Филков.
ОЈО ГОКК вчера по 14 месеци истрага ја сопре постапката за набавките на мазут во време на енергетската криза, со образложение дека нема доволно докази, а државата не претрпела штета. Истрагата беше отворена по кривична пријава на МВР, во која се тврдеше дека преку спорните набавки е направена штета од над 167 милиони евра и дека постојат сомнежи за перење пари.