ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ГИ ПРЕПОЗНА РЕФОРМИТЕ НА ЗНАМ Од 33 подготвени закони, 5 се донесени, другите во процедура

Од 33 подготвени закони, пет се донесени, додека останатите се во различни фази од постапката, истакнува екс-министерот за правда Игор Филков на партиска прес-конференција.

0

Европската комисија го потврди сработеното од ЗНАМ во Министерството за правда во изминатите 2 години, оцени на партиска прес-конференција поранешниот министер за правда Игор Филков.

Тој посочи дека за време на неговиот мандат биле подготвени 33 закони и биле поставени темелите за реформа на правосудството.






Филков смета дека извештајот на Европската комисија за 2026 година претставува потврда за исправноста на политиките што ги спроведувало Движењето ЗНАМ и за резултатите од започнатите реформи.

– Она што за некого беа само ветувања, за нас беше обврска. Она што го ветивме пред граѓаните, го преточивме во конкретни реформи. Денес, резултатите од таа работа се препознаени и во извештајот на Европската комисија – истакна Филков.

Екс-министерот особено ја издвојува позитивната оценка за новиот Закон за Судскиот совет, донесен во декември 2025 година. Според него, Европската комисија констатирала дека законот ги адресира препораките на Венецијанската комисија и на Оценската мисија, со подобрена транспарентност на постапките за избор на судии и за водење дисциплински постапки.

Позитивно бил оценет и Законот за Советот на јавните обвинители, донесен во 2026 година, во кој биле вградени препораките на Венецијанската комисија.

– Со нив поставивме квалитетна законска основа за унапредување на независноста, транспарентноста и отчетноста при изборот и одговорноста на судиите и јавните обвинители – нагласи тој.

Како значајно достигнување доскорешниот министер за правда го наведува и донесувањето на новиот Закон за парничната постапка, со кој, по повеќе од 20 години, се обновува една од клучните законски рамки за граѓанските судски постапки.

Според Филков, законот треба да овозможи нивно модернизирање и забрзување.

Во спроведувањето на Развојната секторска стратегија за реформа на правосудството 2024–2028, реализацијата на планираните активности се зголемила од 42,9% во 2024 година на 56,9% во 2025 година.

Филков го издвојува и напредокот во подготовката на Патоказот за владеење на правото, како и потпишувањето на Рамковната конвенција на Советот на Европа за вештачка интелигенција, човекови права, демократија и владеење на правото во мај 2026 година.

Поранешниот министер наведува дека од вкупно 33 подготвени закони, 5 се донесени, 2 се во собраниска постапка, 10 во владина постапка, додека останатите се објавени на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) или се финализирани.

– Зад овие 33 закони стојат илјадници часови работа, стручни анализи, јавни дебати, консултации со домашни и меѓународни експерти и усогласувања со европски и меѓународни стандарди – посочи Филков.

Меѓу подготвените решенија ги набројува законите за спречување на корупцијата и судирот на интереси, за јавното обвинителство, за судскиот буџет, за судовите, за кривичната постапка и за Академијата за судии и јавни обвинители, како и новиот Кривичен законик.

Филков се осврна и на критиките во извештајот на Европската комисија, кои се однесуваат на борбата против корупцијата, недоволните финансиски и човечки ресурси, независноста на правосудните институции и ефикасноста на постапките.

Тој оцени дека надминувањето на овие проблеми бара ангажман од судовите, обвинителствата, Судскиот совет, Советот на јавните обвинители и другите надлежни институции.

– Верувам дека преостанатите подготвени закони ќе бидат донесени во најскоро време, без непотребно одложување, и дека ќе продолжи реализацијата на веќе започнатите реформи – истакна Филков.

Според него, ЗНАМ останува доследен на принципот на владеење на правото и ќе продолжи да ги поддржува институциите во реформските процеси, во улога на внатрешен коректив на Владата.

Поврзани содржини