Кога корупцијата станува безбедносна закана, не само за државата, туку и за целата НАТО алијанса
Прашањето за непотизмот, клиентелизмот и корупцијата не е само прашање на добро владеење, тоа е веќе прашање на стратешка стабилност.
Во современиот безбедносен свет, заканите кон државата повеќе не доаѓаат исклучиво преку тенкови, ракети или класични воени операции. Најопасните закани денес често се развиваат тивко, внатре во самите институции, главно преку корупција, клиентелизам, нефункционалност и системско слабеење на државниот капацитет.
Во Македонија, овие појави најчесто се третираат како политички, административен или економски проблем. Но тоа е опасно потценување на нивната вистинска тежина. Затоа што кога корупцијата станува механизам на функционирање, а не исклучок, таа престанува да биде само прашање на злоупотреба на јавни средства. Таа станува директна закана за националната безбедност.
И не само за националната безбедност на Македонија, туку и закана за безбедноста на НАТО системот во целина.
Секоја држава која е членка на НАТО е дел од безбедносната архитектура на Алијансата, а не само корисник на колективната безбедност. Тоа значи дека секоја институционална слабост, секоја нефункционална структура, секоја форма на контрола врз администрацијата и секоја системска корупција не остануваат внатрешен проблем, тие стануваат потенцијална ранливост во рамките на поширокиот евроатлантски безбедносен систем. Токму тука лежи суштината на проблемот.
Кога вработувањето во институциите не се базира на компетентност или некаков Мерит систем, туку на етничка, верска, политичка или лична лојалност, државата постепено го губи својот професионален капацитет. Клучни позиции се пополнуваат со лица кои можеби имаат некаква поддршка, но немаат потребна стручност, безбедносна култура или оперативна способност. Во мирни услови, ова создава бавност, слаб перформанс, и административен хаос. Во кризни услови, тоа може да доведе до сериозни безбедносни последици.
Безбедносниот систем функционира врз доверба, професионалност и јасна хиерархија. Кога овие принципи се заменуваат со клиентелистички мрежи и неформални центри на влијание особено ако не се политички, институциите ја губат својата отпорност. Наместо систем базиран на правила, се создава систем базиран на зависности. А зависниот систем е ранлив систем.
Особено опасен е феноменот на „систем во систем“, паралелни структури на влијание, неформални канали на одлучување, привремени вработувања надвор од стандардните процедури и мрежи кои функционираат паралелно со официјалната институционална архитектура. Во безбедносен контекст, ова претставува сериозен ризик. Затоа што кога формалниот синџир на одговорност е нарушен, државата губи контрола врз сопствениот механизам на функционирање.
Корупцијата дополнително го продлабочува овој ризик!
Во безбедносната теорија и практика, корупцијата одамна не се третира само како финансиски криминал. Таа се смета за фактор што директно ја намалува отпорноста на институциите и ја зголемува нивната подложност на надворешни влијанија. Корумпиран систем е систем кој може полесно да биде инфилтриран, компромитиран или манипулиран.
И токму тука ова прашање престанува да биде само внатрешно политичко прашање.
Во услови на засилени геополитички тензии, хибридни закани, дезинформациски операции и странски влијанија, слабите институции претставуваат најлесна влезна точка. Не е случајно што современите безбедносни стратегии на западните држави сѐ повеќе ја третираат корупцијата како национален безбедносен ризик. Затоа што држава со слаб институционален интегритет има намалена способност да препознае, спречи и да одговори на заканите.
А кога таа држава е членка на НАТО, проблемот добива многу поширока димензија.
НАТО функционира врз принципот на доверба помеѓу сојузниците. Размена на информации, координација, заеднички операции, безбедносни процедури и стратешка комуникација! Сето тоа претпоставува професионални, отпорни и сигурни институции. Доколку една алка во системот е институционално слаба, компромитирана или нефункционална, тоа не останува локален проблем. Тоа станува ризик за целата Алијанса.
Затоа, прашањето за непотизмот, клиентелизмот и корупцијата не е само прашање на добро владеење, тоа е веќе прашање на стратешка стабилност.
Не може да постои силна национална безбедност со слаби институции. Не може да постои отпорен НАТО систем доколку дел од неговите институционални структури функционираат под политички притисок, со разредена одговорност и нарушен Мерит систем.
Држава во која компетентноста е секундарна, а лојалноста примарна, постепено го губи својот институционален имунитет. А држава без институционален имунитет е ранлива држава.
Најопасниот аспект на овој проблем е што тој не се појавува нагло. Не создава моментален колапс. Тој ја поткопува државата постепено, преку ерозија на професионалноста, губење на довербата, слабеење на капацитетите и создавање култура во која системот постои формално, но не функционира суштински.
И затоа, најголемата закана за националната безбедност не мора секогаш да доаѓа однадвор. Понекогаш, таа се создава тивко, институционално и системски одвнатре.
(Авторот е генерален директор на Институтот за стратегиски и безбедносни студии – Скопје)