ПОЧНА ТРГУВАЊЕТО СО СТРУЈА ВО ТЕКОВНИОТ ДЕН Мицкоски оцени дека тоа е исчекор кон интеграцијата со европските енергетски пазари

Премиерот вели дека ова е особено важно во период кога целиот европски континент минува низ процес на енергетска трансформација, а нашата држава не смее да стои настрана. Напротив, мора да биде активен дел од европските енергетски текови и политики.

198

Денес сме сведоци на еден значаен момент за македонскиот енергетски сектор. Официјално почнува тргувањето на „Пазарот во тековниот ден”- Intraday Market, организиран од страна на МЕМО. Ова не е само нова техничка алатка или уште една административна процедура. Ова е сериозен исчекор кон модерна, стабилна и европски усогласена енергетика и чекор кон интеграција со европските енергетски пазари.

Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски на стартот на пазарот на струја во тековниот ден.

-Во време кога енергетиката е едно од најважните прашања за секоја држава, нашата обврска е да создадеме систем кој ќе биде сигурен, конкурентен и отпорен на глобалните предизвици. Intraday Market токму тоа го овозможува. Со оваа платформа добиваме поголема флексибилност во управувањето со електроенергетскиот систем, подобро балансирање и поефикасно користење на енергијата во реално време. Ова е особено важно во период кога целиот европски континент минува низ процес на енергетска трансформација. Нашата држава не смее да стои настрана. Напротив, мора да биде активен дел од европските енергетски текови и политики – рече Мицкоски.

Тој додаде дека со воведувањето на Intraday тргувањето, МЕМО уште еднаш потврдува дека поседува капацитет, знаење и професионалност да биде модерен и доверлив партнер на пазарот.

На отворањето на пазарот на електрична енергија покрај премиерот присуствуваа и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, директорот на БСП и претседател на Управниот одбор на АДЕКС, Анже Предовник, како и Мартин Мартиновски, експерт за електрична енергија и статистика во енергетската заедница.

Директорот на МЕМО Зоран Ѓорѓиевски рече дека пазарот ден однапред е директен одговор на динамичните потреби на современото општество.

Ѓорѓиевски нагласи дека електричната енергија е специфичен производ кој се произведува и троши во ист момент, поради што системот мора постојано да биде во баланс.

Според него, тоа бара висока координација, прецизност и јасни правила на функционирање.

 – Пазарот „ден однапред“ е одговор на динамичните потреби на современото општество. Цената на организиран пазар не се одредува административно, туку преку понудата и побарувачката. ​Ова не е само принцип – ова е предуслов за функционален систем. Јасниот ценовен сигнал е клучен за сите учесници. Тоа овозможува правилна распределба на ресурсите, подобро управување со ризиците и носење рационални инвестициски одлуки. ​Без ваков сигнал, нема ефикасност. Без ефикасен пазар, нема одржлив енергетски систем. ​Ова е особено важно во контекст на инвестициите во обновливи извори на енергија – рече Ѓорѓиевски.

Тој се осврна и на предизвиците посочувајќи дека новите регулаторни механизми, како CBAM (Механизмот за приспособување на границите на јаглерод) можат да создадат дополнителни финансиски оптоварувања за домашните производители, особено за оние кои веќе инвестираат во зелена енергија.

 – Македонија не е енергетски остров. Ние сме дел од европскиот енергетски систем и потребна ни е забрзана интеграција и отстранување на бариерите за слободна трговија – рече Ѓорѓиевски.

Тој информираше дека МЕМО го имплементирал пазарот во соработка со партнерите од ADEX, користејќи ја платформата М7 на Дојче Берза, и ја нагласи посветеноста на тимот кој стои зад проектот.

Поврзани содржини