ВЛАДАТА ДА ОДРЕДИ НИВО НА ЗАФАЌАЊЕ ОД ДДВ ЗА ОДГОВОР НА КРИЗАТА Академик Беџети се залага за таргетирани мерки

Првиот човек на фискалниот совет вели дека мерките треба да бидат навремени и зависни од ситуацијата со кризата.

113

Неопходно е да се применуваат исклучиво таргетирани политики во актуелната криза поради конфликтот на Блискиот Исток – смета претседателот на Фискалниот совет, академик Абдулменаф Беџети, кој порачува дека треба „да се наплаќа со пропишаните норми, а потоа да се распоредува кон загрозените семејства и другите таргет-групи“.

На новинарско прашање, Беџети денеска оцени дека „Владата треба да стави одредена висина до кое ниво нема потреба да чепка во системските решенија во однос на ДДВ-то“.

– Можеби со 2-3% за одредени нафтени деривати Косово е пониско, но сепак мора да знаеме дека просечните плати таму се пониски од нашите, така што од сите други пет земји од Западен Балкан ние имаме пониски цени. Оттука, сметам дека Владата треба да стави одредена висина до кое ниво нема потреба да чепка во системските решенија во однос на ДДВ-то. Мислам дека акцизата е во ред бидејќи тоа сепак се наплатува на апсолутен износ и со неа може да се оперира полесно и поедноставно – изјави Беџети пред почетокот на стручната расправа „Ефикасноста на јавните финансии и улогата на фискалните правила во Северна Македонија“.

Прашан какви мерки препорачува во услови на поголем скок на цената на нафтата, посочи дека сè ќе зависи колку ќе потрае кризата и како ќе се одвива понатаму.

– Никој не може да знае, а најмалку ние како многу мали држави невлијателни кон овие глобални работи. Ние треба само да ги следиме и да реагираме навреме во однос на тоа што може да се направи во однос на економските политики – рече Беџети.

Во однос на тоа кои би биле најефикасните мерки во такви услови, посочи дека припаѓа на групата економисти кои, како што рече, „во фискалните политики се залагаат повеќе да се собира, а таргетирано да се распоредува“.

– Не може да ги ослободувате и оние што 10-15% имаат високо натпросечни примања по сите основи. Јас се залагам да се наплати со пропишаните норми, а да се распоредува после кон загрозените семејства, кон таргет-групи, бидејќи тоа треба да бидат исклучиво таргетирани политики – рече Беџети.

Поврзани содржини