СО ЗЛОУПОТРЕБИ НА СТОМАТОЛОШКИ ЛИЦЕНЦИ ЌАРИЛЕ 515.000 ЕВРА Бивш претседател на Стоматолошката комора преку својата фирма го изигрувал системот
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против поранешен претседател на Стоматолошката комора на Македонија и претседателот и четворица членови на Комисијата за стручни стоматолошки прашања поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, а повразано со издавање, обновување, продолжување и одземање лиценци за работа на доктори по стоматологија со што оствариле имотна корист за друштвата во вкупен износ од околу 515.000 евра.
Првопријавениот М.Д., како што информираат од Финансова полиција, пречекорувајќи ги границите на службените овластувања доверени од Министерството за здравство за издавање, обновување, продолжување и одземање лиценци за работа на доктори по стоматологија, свесно и со однапред утврдена намера склучувал договори со непостоечки здруженија за спроведување облици на континуирано стручно усовршување преку кои докторите по стоматологија стекнувале бодови за обновување на лиценците.
– Воедно, првопријавениот бил основач, овластен потписник на банкарските сметки и еден од фактичките управители на ДДДММ – Друштво на доктори по дентална медицина на Македонија – Куманово, преку кое го изигрувал системот, постапувајќи спротивно на Правилникот за континуирано стручно усовршување и Законот за здравствена заштита – соопшти Управата за финансиска полиција.
Во координација со останатите пријавени, К.П. во својство на претседател и Л.Е., К.З., А.Д. и Г.Ќ.Ч. во својство на членови на Комисијата за стручни стоматолошки прашања, биле издавани решенија и склучувани договори со цел спроведување поголем број настани годишно од она што е пропишано во Правилникот, овозможувајќи им имотна корист за ДДДММ, Македонското стоматолошко друштво и Стоматолошкото друштво на Албанците, на чии банкарски сметки се исплатувале средствата од котизациите на докторите по стоматологија за сите противправно акредитирани и реализирани настани, а за таа цел здруженијата во нивен состав намерно не биле регистрирани како посебни правни лица.
Со горенаведените противправни дејствија, пријавените, како што информираат од Управата за финансиска полиција, оствариле имотна корист за друштвата ДДДММ друштво на доктори на дентална медицина на Македонија, Македонско Стоматолошко друштво и Стоматолошко Друштво на Албанците во вкупен износ од 31.969.250 денари или околу 515.000 евра.
Тие се сомничат за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.