НАРОДНА БАНКА ГО ПОТТИКНУВА ВЛЕЗОТ НА ДОЛГОРОЧЕН КАПИТАЛ ОД СТРАНСТВО Донесена е измена на одлуката за задолжителна резерва

Според Народна банка, мерката има привремен карактер, со важност од 2 години, а е насочена кон поттикнување влез на долгорочен капитал од странство, како дополнителна поддршка за монетарната политика во услови на светска неизвесност.

38

Советот на Народна банка на последната седница донесе измена на Одлуката за задолжителна резерва, со којашто од обврската за задолжителна резерва се исклучуваат новодоговорените обврски на банките кон нерезидентите во странска валута со договорна рочност над 2 години.

-Мерката има привремен карактер, со важност од 2 години, а е насочена кон поттикнување влез на долгорочен капитал од странство, како дополнителна поддршка за монетарната политика во услови на светска неизвесност – велат од Народна банка во денешното соопштение.

Задолжителната резерва е инструмент на монетарната политика на Народната банка, којшто ги обврзува банките и штедилниците да издвојуваат средства на сметките кај централната банка. Основни функции на инструментот се стабилизирање на краткорочните каматни стапки на пазарите на пари, управување со понудата на пари и нивото на кредитна мултипликација и намалување на структурниот вишок на ликвидност.

Како што е соопштено, Советот на Народната банка покрај ова ги  усвои Годишниот извештај за 2025 година и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во 2025 година.

Како што е наведено во Годишниот извештај  дека 2025 година беше обележана со сложено и неизвесно надворешно окружување, додека сè уште постојат геополитички ризици и ценовни притисоци.

Оттука, Народната банка водеше претпазлива и конзистентна монетарна политика, со што се придонесе за стабилизирање на инфлацијата и зачувување на довербата во домашната валута. По умереното нормализирање на монетарната политика, на самиот почеток на 2025 година, основната каматна стапка беше непроменета во ефективна смисла до крајот на годината.

-Претпазливата монетарна поставеност беше дополнително поддржана и со промените кај задолжителната резерва, како и со затегнувањето во делот на макропрудентните инструменти.

Кон крајот на 2025 година, Народната банка премина и кон нова оперативна монетарна рамка, за поголема усогласеност со меѓународните практики и подобро испраќање на сигналите на монетарната политика, без притоа да се промени поставеноста на монетарната политика.

„Ваквата поставеност на политиката, односно нивото на каматните стапки, заедно со промените кај другите инструменти, придонесуваат за стабилност на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за ценовна стабилност на среден рок“, оценува Советот.

Како значаен стратегиски исчекор во текот на годината се издвојува приклучувањето на земјава кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како и започнувањето на подготовките за воведување инстант плаќања, со што дополнително се унапредува платежната инфраструктура и се зајакнува финансиската интеграција со Европската Унија.

Советот заклучи дека банкарскиот систем и натаму е стабилен и отпорен. Според Извештајот за ризиците во банкарскиот систем, во 2025 година, беше остварен солиден раст на банкарските активности, при засилена кредитна поддршка на економијата и стабилна депозитна база.

„Показателите за стабилноста на банкарскиот систем се поволни – капиталната позиција е дополнително зајакната, ликвидноста е на задоволително ниво, а квалитетот на кредитното портфолио е подобрен, при што стапката на нефункционални кредити се намали на историски најниското ниво од 2%. Истовремено, стрес-тестовите укажуваат на добар капацитет на банкарскиот систем за справување со потенцијални шокови, што ја потврдува неговата отпорност и стабилност“, наведува Советот на Народна банка.

И покрај позитивните движења, во Извештајот се наведува дека ризиците од надворешното окружување и натаму постојат, особено во услови на изразени геополитички тензии и неизвесност на светските пазари, при што се нагласува потребата од внимателно следење на состојбите и водење претпазливи политики за одржување на макроекономската и финансиската стабилност.

Поврзани содржини