СЛАВЕСКИ ВО ШАНГАЈ СО КИНЕСКИОТ КОЛЕГА Во фокусот продлабочување на соработката меѓу двете централни банки

Гувернерот Трајко Славески во Шангај се сретна со гувернерот на Народната банка на Кина, Пан Гонгшенг. Во фокусот беа финансиската стабилност, дигитализацијата и идната институционална соработка.

0

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари билатерална средба со гувернерот на Народната банка на Кина, Пан Гонгшенг, во рамки на меѓународниот симпозиум организиран од Банката за меѓународни порамнувања и Народната банка на Кина во Шангај.

Како што информираат од Кабинетот на Славески, на средбата биле разменети мислења за актуелните светски економски и финансиски текови, како и за предизвиците со кои се соочуваат централните банки во услови на засилена неизвесност во меѓународното окружување. Воедно, соговорниците споделиле искуства поврзани со спроведувањето на монетарната политика и зачувувањето на финансиската стабилност.






„Во текот на разговорите им беше посветено внимание на трговските и финансиските односи меѓу двете земји, при што беа разгледани и можностите за нивно натамошно унапредување преку продлабочување на институционалната соработка. Притоа, беше нагласена долгогодишната традиција на пријателски односи меѓу двете земји, како и подготвеноста на Народната банка за натамошно засилување на дијалогот и размената на искуства со Народната банка на Кина“, наведуваат од Народната банка.

На средбата било разговарано и за можностите за соработка во областа на дигиталната трансформација на финансискиот сектор, унапредувањето на финансиската вклученост, како и за јакнењето на институционалните капацитети преку размена на знаења, експертиза и добри практики.

Славески и Пан Гонгшенг се согласиле дека постои значителен потенцијал за понатамошно продлабочување на соработката меѓу двете централни банки.

Поврзани содржини