Можно ли е да се толку глупави?
И зарем кога го препрочитуваат историјатот на сите оние бугарски шизофрени услови навистина не разбираат за што таму станува збор? И веруваат во една радикална историска пресвртница со едно просто внесување на 250 Бугари во Уставот?
Денес кај нас станува особено тешко да (си) разјасните дали одделни „групации“ – меѓу нив и оние што глумат политички партии и нивната „интелектуална“ клиентела – се навистина толку глупави па не разбираат за што се залагаат, дали не умеат правилно да ги читаат нештата (напишаните и ненапишаните), дали сериозно не разбираат за што станува збор или нивните (веќе) отворено антидржавни заложби кријат некакви „таинствени“ интереси… итн., итн. Зашто, дури и кога отворено и до детали го предочуваат „историјатот“ на македонско-бугарскиот спор со сите негови нецивилизирани услови и стапици, тие повторно ургираат за некакви „Бугари во Устав“ – и кои, оние 250? – и надминување на само ним познатиот „ќор-сокак“ во македонските евроинтеграции.
Каков црн „ќор-сокак“, зарем навистина не го гледаат отворениот пеколен амбис пред нив?
Згора, сега им се погоди оној Радев – една ригидна, ветва, униформирана (во секоја смисла) личност и диригент на најжестокиот современ антимакедонски хор, кој (ќе) го подметнуваат во секоја прилика. А што е најсмешно, но и најзачудувачки, дури и сега кога ги разврзуваат приказните за почетокот и текот на бугарските условувања и вето за македонските евроинтеграции не можат (или не сакаат?) да ги видат будалестите до созли и детски наивни постапки на нивните „прогресивни“ газди во започнувањето на „преговорите“ со Бугарија, небаре си разменувале сликички од фудбалери или актерки! Во порно пози, разбира се, од типот „ја нему“ и „он мене“. Каква шарлатанско-политикантска мизерија.
И онака најлефтерно ги позиционираат сите по ред барања на другата страна, од Делчев до македонскиот јазик, инсистирање на нота од Македонија со откажување од истоимениот географски регион во Бугарија, откажување од македонското малцинство во Бугарија, источната Рамковна позиција, некаков „пробив“ во т.н. Историска комисија… заедно со многу други групи барања што мора да ги исполни исклучиво македонската страна итн., итн. И го везат тоа како да се однесува на Гренланд а не на Македонија, уште да почнат да удираат таламбаси дека шизоидните пречки на Бугарија се логични и добрососедски мотивирани.
На крајот, останувате во недоумица за што всушност овде станува збор? Дали глупоста, лукративноста, „идеолошката“ матрица и властољубивата диоптрија надвладуваат овде над рационалното размислување? Зашто, кога на крајот ќе ги сведете нештата по исполнувањето на сите бугарски барања – а тие со сигурност нема утре да исчезнат кога веќе преживеале векови! – која земја, со кој народ, јазик, култура… ќе биде членка на еу (малите букви се…)? Татаристан, Апсурдистан…, која? Мисли ли некој од слепциве на тоа?
И повторно: можно ли е толку да се глупави? Не е, разбира се.
Зашто и во глупоста има некаков резон, има искри на разум и логика. Но кога за секретар за меѓународна соработка позиционирате „архитект“ кој, прво, нема поим што е тоа нато (малите букви се…), а веројатно и еу, но згора сака да држи лекции за меѓународна политика па пелтечи дека „Македонија никогаш досега немала министер за надворешни работи кој е толку невидлив, толку безгласен и толку ирелевантен на домашната и на меѓународната сцена“, значи дека глупоста отстапила место на нешто друго зашто, очигледно, ним им треба министер како оној кој го подготви Договорот со источниот сосед и го потпиша фамозниот Протокол бр. 2 којшто потоа станува „бисерот“ во круната на македонските евроинтеграции! И тие повторно би го потпишале, со двете раце.
И понатаму, истата таа некомпетентна персона сака и да навреди па тврди дека „Во време кога дипломатијата треба да биде најгласна, нашата молчи“! Ама нивната го подготви Договорот и Протоколот бр. 2, ја прифати т.н. Француска рамка и ќе возеше така до Брисел, преку Софија. И не им е воопшто важно што во изминативе две години се очигледни поместувањата во еу токму заради ставот на Македонија за нецивилизираниот притисок врз земја-кандидат од страна на земја-членка и целата „фон дер Лаеновска“ мангупска бирократија, не сакаат да ги слушнат повиците ниту од една Белгија, Словачка, Хрватска, Словенија, па и Унгарија… за непринципиелниот став на еу и неопходноста од менување на пристапот при одлучувањето за „спорови“ од билатерален карактер итн.
Тие повторно би ја вратиле приказаната назад, на нивната „хируршка дипломатија“ којашто не е само нема, глува и слепа туку е и тотално антидржавна, на нивното поданичко однесување кон секој диктат што доаѓа од Брисел, на нивната некомпетентност и неписменост, на нивната глупост…
А всушност, повторно: овде веќе не станува збор за глупост. Кога и после сѐ, после сите бугарски барања и одбивањето да се дадат какви и да се гаранции дека таквиот непријателски притисок ќе сопре по промената на Уставот тие продолжуваат да вршат притисок дома за прифаќање на сите услови, тогаш станува збор за нешто што оди многу, многу подалеку и подлабоко од глупоста на неколкумина слепци седнати во фотелјите на една секта што глуми политичка партија.
И зарем кога го препрочитуваат историјатот на сите оние бугарски шизофрени услови навистина не разбираат за што таму станува збор? И веруваат во една радикална историска пресвртница со едно просто внесување на 250 Бугари во Уставот?
Извинете, но ако некои овде се слепи и историски неписмени, се прават или се глупи, па и луди или се обидуваат да ги сокријат вистинските мотиви за своите постапки, кои и да се и какви и да се, зарем сите треба да се поклониме пред нив? Зошто?!