ЗАТЕЧЕН И ВО ШОК ОД НАПАДИТЕ ОД ФИЛИПЧЕ Градоначалникот на Крива Паланка за атакот на СДСМ врз него
Општината и јас како градоначалник, нема да дозволиме отворање на рудникот за антимон по секоја цена, туку ќе бараме да се запазат сите стандарди и нови технологии во светски размери - вели Сашко Митовски.
Градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски вели дека е „затечен“ и „во шок“ од содржината на соопштението на СДСМ, во кое неговата партија го напаѓа дека не смее да се договара со централната власт за прашањето за отворање на рудник за антимон во неговиот регион, туку дека за тоа треба да решат граѓаните на референдум.
– Искрено ќе кажам, јас бев затечен од мојата матична партија, тоа за мене беше тотален шок. Од една страна, шок од содржината во соопштението, непријатно за мене да се прочита, од друга страна, она што загрижува е непринципиелниот став на тесното партиско раководство. Од една страна повикуваат на дебата, а јавно се конфронтираат со својот најуспешен градоначалник и тоа се докажа на последните локални избори. Тврдам дека треба пред да се излезе со јавен став, треба да се отвори внатрепартиска дебата за да се предочат сите аргументи за процесот – рече Митовски во интервју за порталот Инфомакс.
На прашањето дали смета дека има политичка заднина судирот на СДСМ со него, Митовски вели дека не може да тврди.
За обвинувањата дека се договарал со премиерот Мицкоски, градоначалникот на Крива Паланка велид дека со Мицкоски комуницирал само во врска со рудникот Тораница и можното негово затворање во мај.
– Тоа е единствената комуникација која јас и премиерот ја имавме минатиот викенд, бидејќи затворање на Тораница би значело дека 400 фамилии ќе останат на улица и тоа е сериозен економски удар за градот – објасни градоначалникот.
Во врска со можното отворање на рудник за антимон во близина на Крива Паланка градоначалникот објасни дека ова е почетна фаза, има многу што да се објасни во иднина, но отворање на овој рудник за градот би значело многу.
– Крива Паланка е рударски град, можеби единствената индустриска гранка по која градот во изминатите години се развивал. Во осумдесетите години во тој рудник работеле околу 800 луѓе, а во Тораница околу 1200 луѓе. На нас како Општина постоечките урбанистички плански документации кои ги имаме не ни се со намена за индустриска зона, за потенцијални инвестиции и нови работни места, сето ова, од таа гледна точка, секоја ваква иницијатива нормално треба да се поздрави но и да се пристапи одговорно. Како клучни придобивки за локалната економија, во моментов на Паланка ѝ е потребна една ваква инвестиција за да си ги задржиме луѓето во градот, нови работни места и зајакнување на буџетските капацитети на локалната самоуправа. Но, како Општина и јас лично нема да дозволиме отворање на рудникот по секоја цена, ќе бараме да се запазат сите стандарди и нови технологии во светски размери – вели Митовски.
ФИЛИПЧЕ НА КРИВО НАСАДЕН Успеа да се скара и со „својот“ градоначалник на Крива Паланка