Колку е важен гласот на дијаспората?

Искуствата од неколку претходни изборни циклуси јасно сведочат дека гласањето на македонската дијаспора редовно завршува со слаб одѕив, генерално како фијаско, вклучувајќи го и вообичаеното меѓуетничко диференцирање на гласачкото тело, што, се разбира, не е на линија на заложбите за граѓански концепт на устав кој исклучува етнички групирања во прв план.

203

Во Словачка деновиве се одржаа протести на кои илјадници граѓани демонстрираа против владиниот предлог за укинување на гласањето по пошта од странство. Опозициските партии, кои повикаа на протести, тврдат дека владата на премиерот Роберт Фицо сака да ги исклучи Словаците што живеат во странство, кои на последните избори гласаа со големо мнозинство за опозицијата. Партијата Смер-СД, која ја предводи Фицо, тврди дека гласањето по пошта не гарантира тајно гласање, без манипулации.

Гласањето во странство е проследено со големо интересирање во голем број европски земји и во последните години добива сѐ поголемо значење. Уставно загарантираното право на припадниците на дијаспората, кои живеат во странство по разни основи, подразбира овозможување соодветни услови да го искористат своето граѓанско право на глас во државите во кои се наоѓаат.

Во пресрет на парламентарните избори кои ќе се одржат во Шведска во септември годинава, владата покрена иницијатива со заложби за зголемување на бројот на гласачи во странство. На претходните избори гласале „само“ 32 проценти од Швеѓаните кои живеат во странство. Токму затоа владата ѝ даде задача на државната изборна комисија да ги прошири и продлабочи информациите за можностите што ги имаат шведските граѓани во странство да го остварат своето право на глас. Меѓу другото, ќе биде испратено писмо до сите кои биле избришани од избирачкиот список во последните петнаесет години. Во исто време се планира и зголемување на избирачки места во странство, кој годинава се очекува да биде рекордно голем, околу 300.

Шведската влада ги актуелизира ваквите заложби и покрај тоа што учеството на изборите на шведски избирачи во странство, за кои се проценува дека вкупно ги има околу 700.000, на последните парламентарни избори, според статистичките податоци, беше маркантно зголемено. Но меѓу шведските партии, всушност, се зголемува свеста дека значењето на избирачите во странство не може да се потценува, така што сѐ повеќе им се посветува внимание во изборната кампања, како на домашен терен, така и во земјите каде што живеат.

Начините и механизмите на гласање во дијаспората се разликуваат. Естонија е една од европските земји, која, покажувајќи респект и уважувајќи ги статусот и правата на своите иселеници, на претседателските и на параламентарните избори дозволува електронско гласање во странство, и тоа уште од 2003 година. Нема никакво сомнение дека со тоа значајно се олеснува учеството на избирачите во естонската дијаспора. Естонија е мала земја, споредлива по големина со Македонија.

Во Финска граѓаните кои живеат во странство учествуваат на изборите така што им се овозможува гласање преку пошта, во дипломатско-конзуларните претставништва, или, пак, на финските бродови кои се наоѓаат во странство. Слична е изборната регулатива во Шведска, со тоа што Швеѓаните во дијаспората имаат право да гласаат и во шведските цркви во странство.

И покрај тоа што гласањето во дијаспората многумина го сметаат за чувствително и проблематично, ретко се прибегнува кон драстични заложби за негово укинување. Интересот за гласање во странство на изборите во Полска пред две години беше на рекордно високо ниво, со преку 600.000 регистрирани избирачи во разни земји. Околу пет милиони полски граѓани живеат во странство. Но слично како и во Словачка, и во Полска се слушаа критики дека на изборите во 2019 година меѓу Полјаците во дијаспората била забележана тенденција да гласаат за опозициски партии.

Проблемите околу обезбедување соодветни услови за остварување на избирачкото право на глас во странство можат да бидат и од поинаква, донекаде и техничка природа. Минатогодишните избори во Германија беа планирани во краток рок. Изборната процедура била спроведена мошне брзо, така што многумина Германци во странство не стигнале на време да гласаат. Во голем број земји германските гласачи, всушност, ги добиле предоцна изборните материјали за навреме да ги достават преку пошта своите гласови во Германија. Се проценува дека повеќе илјади избирачи воопшто не ги ни добиле, а меѓу нив имало и такви кои се решиле на драстични мерки за лично да заминат и да ги достават своите изборни документи во Германија. Помеѓу три и четири милиони Германци живеат во странство. Пред последните избори околу 213.000 од нив се регистрирале за гласање.

Многу земји прават напори да го зголемат учеството на своите иселеници на изборите. Логиката е мошне едноставна. Гласовите на дијаспората вредат еднакво и имаат иста тежина при пребројувањето на вкупната сума на гласачките ливчиња во избирачките кутии.

Но, кога е во прашање Македонија, состојбите околу гласањето на дијаспората се поразителни. Проблемот е во тоа што бројката на иселениците кои се пријавуваат да го остварат своето право на глас е занемарливо мала, речиси безначајна.

Се чини дека политичките партии во Македонија, со извесни исклучоци, речиси воопшто не го земаат сериозно потенцијалот на гласовите кој би можел да има влијание на изборните резултати. Факт е, всушност, дека континуирано го потеценуваат гласот на дијаспорта и партиите воопшто не се ни трудат да овозможат подобри услови за помасовен одѕив на македонските избирачи кои живеат и работат во странство.

А и како би можело да биде поинаку кога државата воопшто не се ни потруди да создаде барем минимум услови за поголема излезеност, освен да се гласа во македонските амбасади и конзулати, кои најчесто се наоѓаат на стотици или илјадници километри оддалеченост од гласачите. Иселеничките организации со години наназад изнесуваат вакви забелешки, надевајќи се дека меѓу македонските политички фактори ќе се најдат и такви кои се подготвени да го слушнат тоа. Но државните органи не покажуваат ни трошка слух за оваа проблематика и воопшто не се ни трудат на каков било начин да ги олеснат претпоставките и процедурите за поуспешно учество на дијаспората во гласањето. Во исто време, позицијата на самата дијаспора, да се обиде да изврши влијание за воведување извесни промени на тој план, е целосно инфериорна.

Искуствата од неколку претходни изборни циклуси јасно сведочат дека гласањето на македонската дијаспора редовно завршува со слаб одѕив, генерално како фијаско, вклучувајќи го и вообичаеното меѓуетничко диференцирање на гласачкото тело, што, се разбира, не е на линија на заложбите за граѓански концепт на устав кој исклучува етнички групирања во прв план. Колку е тоа можно и остварливо во држава во која политичките партии функционираат и ја остваруваат својата програма врз етнички предзнак? Дали настапот на политички лидери од Македонија меѓу избирачите во дијаспората остава впечаток дека се залагаат за хомогена, унитарна и мултикултиурна Македонија, а не за национал-романитачарски идеи за форсирање на сопствени јазици, култури и економска превласт во една толку мала и осиромашена држава како Македонија?

Значењето на гласот на избирачите во дијаспората треба добро да се одмери, за да се оцени неговото значење и вистинската тежина. Посебно гледано од аспект на постојано декларирање на политичка волја за јакнење на врските со дијаспората, а што мошне често се сведува на празни зборови.

Во колкава мера македонските политички партии се навистина подготвени да жртвуваат дел од својот престиж и рејтинг за да се заложат за овозможување претпоставки за зголемено и поефикасно гласање во дијаспората? Вакво прашање, се чини, засега во нивните агенди не е ставено ни „под разно“.

Поврзани содржини