ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ Е ПОЛИТИЧАР СО УБЕДЛИВО НАЈВИСОКА ДОВЕРБА ОД 25,2% За ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат 24%, втора партија според рејтингот е Вреди
Вкупниот резултат на сите претседатели на македонските политички партии е помал од процентот на довербата што ја има претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Граѓаните и натаму најголема доверба имаат во ВМРО-ДПМНЕ и во лидерот на оваа партија Христијан Мицкоски, покажа последното истражување на јавното мислење на МКД.мк и на агенцијата Маркет вижн за рејтинзите на политичките партии и на нивните лидери, спроведено од 2 до 18 март.
Владеачката партија е веќе безмалку 2 години на власт, исто толку Мицкоски е македонски премиер, а нивниот рејтинг и натаму е висок во споредба со опозицијата. Вкупниот резултат на сите претседатели на македонските политички партии е помал од процентот на довербата што ја има претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
На прашањето во кој лидер на политичка партија имате најголема доверба, најголем дел од испитаниците немаат доверба во ниту еден од лидерите на политичките партии. Една четвртина од испитаниците (25,2%) најголема доверба имаат во Христијан Мицкоски.

24 отсто од испитаниците, на прашањето за која политичка партија ќе гласате на следните избори одговорија дека нивниот избор е ВМРО-ДПМНЕ. Втора партија е Вреди со 5,1 отсто доверба, па СДСМ о 4,9%, ДУИ 4,8%, Левица 3,1%, ЗНАМ 2,1… Од испитаниците 28,1 отсто одговорија дека нема да гласаат, а 9,7% одговорија дека не знаат дали ќе гласаат.
Повеќе од половина од испитаниците кои се изјаснија за конкретна политичка партија на следните избори ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, додека 11,5% се определија за Вреди, 11,1% за СДСМ, 10,9% за ДУИ, 7% за ЛЕВИЦА, 4,8% за ЗНАМ…

На прашањето дали сте за влез на Македонија во ЕУ со статус на земја набљудувач, односно членка на ЕУ без право на вето, повеќе од половина од испитаниците (52%) изјавија дека се за влез на Македонија во ЕУ без право на вето.

На прашањето за тоа во која насока се движат работите во Македонија, 36,2 отсто од испитаниците одговориле дека наоката е правилна, а 46,9 отсто од нив сметаат дека се движиме во погрешна насока.
Анкетирањето беше спроведено од 2 до 18 март со употреба на CATI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер, на примерок од 1.200 испитаници. Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според: регион, пол, возраст и етничка припадност, според податоците за резидентното население од пописот 2021 година.