УДРИЛ ВО 11-ГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ ВО КАПИШТЕЦ И ПОБЕГНАЛ Полицијата го бара возачот што тешко повреди малолетничка
Единаесетгодишно девојче е хоспитализирано со тешки повреди откако било удрено од автомобил на скопска крстосница, а полицијата го бара возачот кој избегал.
Единаесетгодишно девојче од Скопје е сериозно повредено откако било удрено од патничко возило на крстосница во градот, а возачот веднаш потоа го напуштил местото на настанот, велат од МВР за Плусинфо
Според информациите од МВР, несреќата се случила на 16 март околу 13:20 часот, на крстосницата помеѓу улиците Васил Ѓоргов и сервисната улица што води кон Народен Фронт. Девојчето било пренесено во Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ со тешки телесни повреди.
Полицијата од СВР Скопје извршила увид на местото на несреќата и презема мерки за пронаоѓање на возачот. Случајот е во активна истрага, а истражителите апелираат до граѓаните кои имаат информации да се обратат во најблиската полициска станица.
– Работиме на целосно расчистување на случајот и идентификација на сторителот. Сите информации се добредојдени за да се најде возачот и да се одговори пред законот – нѐ информираа од полицијата.