ЌЕ СЕ ВОВЕДЕ „ДАНОК НА ШЕЌЕР“ ЗА СПАС ОД ДЕБЕЛИНАТА? Дури 65% од Македонците се со прекумерна тежина

Фондот за здравствено осигурување предлага воведување на таканаречен „данок на шеќер“, мерка која има за цел да ги поттикне граѓаните кон поздрави навики во исхраната, но и да ја мотивира прехранбената индустрија да понуди производи со помалку калории и шеќер.

229

Дебелината сè повеќе се наметнува како сериозен јавноздравствен проблем во Македонија. Според последните податоци, дури 65 проценти од граѓаните имаат висок индекс на телесна маса, додека околу 30 проценти се соочуваат со прекумерна тежина. Овие статистики укажуваат дека проблемот со вишокот килограми станува еден од најголемите здравствени предизвици во земјата.

По повод Светскиот ден на дебелината, Министерството за здравство во соработка со Светската здравствена организација (СЗО) започна кампања со мотото „Круг на поддршка – За полесно слабеење, не осудувајте! Помогнете“. Целта на кампањата е да се подигне јавната свест за ризиците од дебелината и да се поттикне поголема поддршка за луѓето кои се борат со овој проблем.






Според д-р Ирфан Ахмети од Научното друштво за дебелина „ОБЕМ“, дебелината често не се препознава како главен здравствен проблем. Наместо тоа, лекарите најчесто ги третираат последиците, како што се дијабетес тип 2, висок крвен притисок, срцеви и мозочни удари, како и неплодност, без да се адресира основната причина – вишокот килограми.

Во меѓувреме, Фондот за здравствено осигурување предлага воведување на таканаречен „данок на шеќер“, мерка која има за цел да ги поттикне граѓаните кон поздрави навики во исхраната, но и да ја мотивира прехранбената индустрија да понуди производи со помалку калории и шеќер.

Светската здравствена организација предупредува дека проблемот е сериозен и кај најмладите. Според нивните податоци, секое трето дете во Македонија има проблеми со телесната тежина, што укажува на потреба од поголема физичка активност, поздрава исхрана и намалување на штетните навики.

Поврзани содржини