АКО ИМА УМ И РАЗУМ, ЌЕ ИМА И СПАС ЗА ПРОЦЕСОТ „ПУЛС“ Само итна ревизија на обвинителниот акт и фокусирање на одговорноста може да доведе до брза и ефикасна правда

Правните експерти го критикуваат обвинението за „Пулс“ и тврдат дека тоа е практично недокажливо. На семејствата, кои очекуваат правична и јасна судска разрешница во разумен рок, во меѓувреме треба да им се понуди и модел на вонсудски постапки за обесштетување и правна поддршка и сигурност, по примерот на швајцарските власти за семејствата на жртвите и за повредените по трагедијата во Кран Монтана.

117

Речиси една година по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 63 млади луѓе и беа повредени околу 200, експерти од правната фела, адвокати и поранешни функционери, независно едни од други, испраќаат слични пораки за судскиот процес што е во тек – обвинението е поставено премногу широко, нема јасен фокус и може да го комплицира исходот на постапката, наместо да донесе брза правда и сатисфакција за семејствата на жртвите.

Како постапија властите во Швајцарија за трагедијата во Кран Монтана?






За разлика од она што се случува кај нас, во Македонија, после пожарот во скијачкиот центар Кран Монтана во кој загинаа 41 лице, а повеќе од 115 беа повредени, поради сериозноста на последиците од трагедијата, швајцарската влада го потенцира концептот на вонсудска сатисфакција како клучен инструмент за обесштетување, со цел семејствата на жртвите да добијат брза финансиска помош и правна сигурност, без да чекаат исход од долготрајни судски процеси.

Како што веќе е објавено, швајцарската влада ќе исплати еднократен „придонес на солидарност“ од околу 56.000 долари за секоја жртва, односно за семејствата на загинатите и за преживеаните кои биле хоспитализирани поради повреди. Владата најави и свикување на тркалезна маса со учество на жртвите, осигурителните компании и надлежните органи, со цел да се постигнат вонсудски договори и да се избегнат долги и исцрпувачки правни спорови. Дополнително, федералните власти издвоиле околу 7,82 милиони евра за поддршка на погодените кантони и за покривање на вонредните трошоци поврзани со катастрофата, што укажува на системски пристап кон обесштетувањето и институционална солидарност.

За разлика од практичниот и одговорен пристап на швајцарските власти, кај нас, во Македонија, после трагедијата во Кочани, некој наумил клучните прашања поврзани со одговорноста, со правната сигурност, со обесштетувањето и со сатисфакцијата за семејствата на жртвите да се решаваат во еден маратонски судски процес, со обвинение кое е погрешно поставено од самиот почеток и кое се обидува да дефинира некаква „колективна одговорност“ за несреќата во период од повеќе од една деценија.

Некој веќе мора директно и многу отворено да го каже она што веќе не може да се премолчи – дали семејствата на жртвите имаат полза од пристапот што го форсираат Обвинителството и сите други кои ја манипулираат јавноста со тезата дека само со еден судски процес, кој ќе заврши драконски затворски казни за стотина обвинети, ќе се обезбеди сатисфакција за најблиските на жртвите и за повредените?

Па зарем Швајцарците се неодговорни, правно неписмени или глупави, штом инсистираат на еден многу пореалистичен и пополезен пристап, кој инсистира на потребата жртвите да добијат обесштетување и поддршка, а кривичниот процес да се фокусира на прашањето на индивидуалната одговорност за трагедијата?!

Теоријата за „верижна одговорност“ е недокажлива

Експертската јавност во Македонија веќе отворено аргументира дека обвинението за случајот „Пулс“ мора да се темели на индивидуална одговорност и на конкретни дејствија, а не на теорија на „верижна одговорност“ која тешко се докажува во судница и која уште сега најавува судски маратон.

Оценката на адвокатот Јанаки Митровски, на пример, кој јавно посочи дека за соизвршителство „мора да постои заедничко делување и особен, индивидуален придонес на секој обвинет“, а токму тоа. Според него, „практично е невозможно да се докаже“ вака поставено обвинение. Оваа позиција се надоврзува на пошироката грижа дека ако конструкцијата на обвинителниот акт е лабава, процесот ќе се претвори во спор за формата и за теоретски прашања, наместо да се движи кон утврдување на јасни факти за прецизна одговорност.

Адвокатите Ванчо Шехтански и Владимир Туфегџиќ, пак, во различни настапи, ја нагласуваат истата слабост од друг агол: дека предметот е поставен широко, со ризик да бидат опфатени лица кои, според одбраната, немаат реална врска со настанот. Шехтански отворено зборува за „лов на вештерки“, тврдејќи дека фокусот треба да биде на оној кој го предизвикал пожарот, а не да се шири вината кон луѓе кои не биле присутни и немаат директен придонес. Туфегџиќ ја формулира критиката како правно прашање: дека делот за „верижна одговорност“ е проблематичен и дека за тешки дела против општата сигурност се бара директна причинско-последична врска меѓу непостапувањето и последицата. Во јавноста е пренесено и дека тој поднел барање за преиспитување и надзор над законитоста на обвинението до надлежните обвинителски инстанци, повикувајќи се на Законот за јавното обвинителство.

Обвинението на стаклени нозе најмногу ќе ги разочара тие што очекуваат правна сатисфакција

Во една од ТВ дебатите на домашните телевизии, професорот Гордан Калајџиев предупреди дека вакво обвинение „не треба да помине“, бидејќи ќе чини многу, а тоа „е погубно за еден куп семејства“. Неговата поента, како и кај дел од другите правни коментатори, не е да се релативизира трагедијата, туку да се нагласи ризикот дека слаб или преобемен обвинителен акт може да произведе дополнителни разочарувања – токму кај оние што најмногу очекуваат правна разрешница.

Поранешниот министер за правда Туше Гошев, исто така во јавни дебати, ја проблематизира основата на предметот и инсистира на принципот дека кривичната одговорност е субјективна, односно дека за секој обвинет мора да се индивидуализира вината, а не да се создава впечаток на колективна одговорност. Овој акцент го повторуваат и други адвокати – дека најкритичната точка е како ќе се докажува причинско-последичната врска и конкретниот придонес на секој обвинет, ако сите се гонат под иста квалификација, во услови на голем временски распон и различни функции.

Во истата линија настапува и адвокатот Еленко Миланов, кој посочува дека не може да одговара за ваква правна квалификација „никој којшто ноќта 15 – 16 март … немаше конкретни задолженија“ околу објектот, а дополнително ја критикува и нееднаквоста во постапувањето – како за „исто постапување“ во еден случај да има запирање, а во друг да има обвинение. Оваа аргументација оди директно кон тезата што сега се гледа и во самата иницијатива: не се бара проширување на обвинението, туку „стеснување“ до оние за кои може да се докаже јасна врска со настанот, за да се избегне правен ризик и огромни трошоци.

Обвинителниот акт го забавува патот до праведна пресуда

Слични аргумент изнесе и адвокатот Тони Менкиноски, кој во „24 Анализа“ зборува за „конгломератски предмети“ и тврди дека ваквите процеси тешко завршуваат успешно ако се темелат на колективна одговорност наместо на прецизно лоцирана индивидуална вина. Неговата поента е дека наместо еден огромен процес што ќе се влече, поефикасен пристап би бил повеќе јасно разграничени предмети со јасна линија на одговорност – аргумент што директно се надоврзува на загриженоста дека преобемниот обвинителен акт може да го успори патот до пресуда.

Со слична грижа за исходот настапува и поранешната пратеничка и адвокат Снежана Калеска-Ванчева, која вели: „Многу обвинети, а малку виновни. Или, виновни тие што не треба да бидат … Жал ми е, но мислам дека ова ќе се претвори во едно ново ’змиско око‘, и трагично за родителите … но трагично е и за државата … Зарем не научивме ништо од минатото?“ Оваа изјава, без разлика на политичкиот контекст од кој доаѓа, ја носи истата суштинска порака што ја повторуваат и дел од адвокатите, дека масовноста на обвинението не гарантира правда и може да произведе долг процес со нејасен крај.

Адвокатот Звонко Давидовиќ, пак, во повеќе настапи го става фокусот на ефектот што обемните докази и широко поставеното обвинение го имаат врз времетраењето на судењето. „Никој не сака да го одолговлекува, но ќе трае онолку колку што законот предвидел процедури за изведување на докази и онолку колку што обвинителството било кадарно да го подготви обвинението и да приложи докази. Со премногу докази, со обемни докази, секоја постапка трае, затоа што сте должни да ги изведете“, вели Давидовиќ. Неговата забелешка, практично, е предупредување: кога предметот е преобемен, правдата не доцни поради „волја“, туку поради процедура која мора да ја издржи секој доказ.

Клучниот спасоносен предлог – итна ревизија на обвинението

На претходните судски рочишта адвокатот Петре Шилегов побара ревизија на обвинението. „Апелирам и до судот и до обвинителството сериозно да ја преиспитаат позицијата и за дел од обвинетите да се повлече обвинението“, додавајќи дека е „поцелисходно Обвинителството да утврди за кои лица може да се води постапка“.

Во таа смисла, дел од правните професионалци истовремено инсистираат на институционална одговорност и на дисциплина. Кандидатот за државен јавен обвинител Ненад Савевски, на пример, изјави дека би сакал „увид“ како се дошло до правната квалификација и дека, ако доказите покажат основа, обвинителот има право и обврска да интервенира во обвинението. Обвинителката Лидија Раичевиќ, пак, нагласува дека државниот обвинител има должност да ги отвора и следи предметите од јавен интерес, да ги побара обвинителите што работеле и да биде запознаен со текот – за да може институцијата да носи одговорни одлуки.

Сите овие различни гласови, од професори и поранешни министри, до адвокати и обвинители, се среќаваат во една заедничка точка: „Пулс“ не смее да стане предмет што ќе се влече со години, затоа што е преобемен и правно ранлив.

А да земеме ние малку памет од Швајцарците?

Одбраната на дел од обвинетите поднесе иницијатива да се изврши ревизија на обвинението и да се повлече делот што се однесува на лица за кои одбраната тврди дека немале директни дејствија и овластувања во времето на пожарот. Барањето е адресирано преку иницијатива до стручниот колегиум на Јавното обвинителство и до в.д. шефицата на републичкото обвинителство Анита Тополова-Исајловска. Иницијативата се темели на логиката дека постапката мора да биде економична и правно одржлива за да не заврши со масовни процесни приговори, одлагања и ризик од успешни жалби.

Паралелно со разумната иницијатива за ревизија за обвинителниот акт, која единственио може да го стави процесот на вистинската брза лента до праведна пресуда, по примерот на швајцарските власти, треба и кај нас да се размислува за концептот на вонсудска сатисфакција како клучен инструмент за обесштетување, со цел семејствата на жртвите да добијат и брза финансиска помош, но и правна сигурност, без да чекаат исход од долготрајниот судски процес.

Поврзани содржини