МЕРЦ И МАКРОН ЌЕ ГО ЗАБРЗААТ ВЛЕЗОТ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН ВО ЕУ Кој ќе исполни критериуми, ќе влезе на европскиот пазар и во европските институции
Германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват ќе покренат иницијатива за побрза интеграција на шесте држави во институциите и во политиките на ЕУ, дури и пред нивното полноправно членство.
Нова иницијатива со која ќе се забрза интеграцијата на земјите кандидатки од Западен Балкан во ЕУ ќе покренат германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон на Самитот ЕУ – Западен Балкан и Молдавија во Тиват.
Во заеднички документ (position paper), владите на Берлин и на Париз се залагаат за први чекори во интеграцијата и пред полноправно членство, со цел да се забрза процесот на интеграција.
Според документот, исполнувањето одредени критериуми за прием ќе биде наградено со привилегиран пристап до заедничкиот европски пазар и со можност за испраќање набљудувачи во европските институции.
„Политиката на проширување има потреба од нов импулс“, се наведува во документот во кој увид имаше Германската новинска агенција (ДПА).
Предвидено е Мерц на Самитот во Тиват да одржи билатерални средби со премиерот на Македонија, Христијан Мицковски, со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Во овие разговори посебен акцент ќе биде ставен на перспективата на шесте земји од Западен Балкан да се приклучат кон ЕУ. Конкретно, се очекуваат првите предлози за нивна побрза интеграција во институциите и во политиките на ЕУ, дури и пред нивното полноправно членство.
Мерц претходно изјави дека се потребни нови идеи и флексибилност во процесот на проширување на ЕУ и предложи постепена интеграција на шесте земји од Западен Балкан и придружно, условено членство на Украина.