Киро, Борис и Зоки Поки – тие ли се адутите на Фрчкоски во војната за меморијата?!

ВМРО ДПМНЕ не може да се пронајде во ниту еден конститутивен политички гест на современата македонска држава и тоа ја прави партијата излишна, тврди Љубомир Фрчкоски и додава дека затоа партијата ги прогласува тројцата политичари за „криминални умови“, спомнувајќи куферчиња пари, јаглен, марихуана, Дубаи... Чек, чек, чек! Куферчиња? Молам?! Некој рече - куферче? Е па ај да видиме како сме со меморијата...

4,093

„Како да се запамети тоа што треба и да се обескуражи ревизијата на фактите и историјата со цел да се испере совеста, да се спаси од прогон и да се овозможи политички живот на сторителите на злоделата. Секоја војна се води два пати – на бојното поле и во меморијата!“

Ова го пишува професорот Љубомир Фрчкоски во последната колумна на порталот Либертас, посветена не само на филозофската тема „војната за меморијата“, туку и на една малку поприземна – „дрогерашката афера“ што „интригантите“ од ВМРО-ДПМНЕ ја поврзуваат со СДСМ и со Зоран Заев. „Интрига“ од која Фрчкоски, нормално, се ужаснува и од петни жили – навидум шармантно, а всушност прилично нервозно – обидувајќи се да докаже дека не е „сериозна“, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ не била доволно „возвишена“ и „софистицирана“ и немала доволно „знаење од сексуалната патологија“ за да создаде – интрига.






Хахахахаха! Јако му е ова…

Сите тие предиспозиции, а и многу повеќе, ги поседуваат само „образовани“ и „продуховени“ персоналитети од нашето граџанство. Каков што е Фрчкоски, нормално.

Можеби донекаде и Тричковски. Само, Тричковски не е баш таков, нему му недостасува петинг, премногу се залетува „на суво“, му фали она „знаење на сексуалната патологија“, или нешто од опусот на Емили Дикинсон.

Киро, Борис и Зоки – Уставот, Рамковниот и Преспанскиот

Добро, забавно е ова надмудрување со Фрчковата декаденција, но да се вратиме сепак на поважната тема – војната за меморијата.

Централната теза на Фрчкоски гласи: „ВМРО ДПМНЕ не може да се пронајде во ниту еден конститутивен политички гест на современата македонска држава. Тоа ја прави партијата излишна, без причина на постоење и тоа таа го има разбрано на некој перверзен начин. Единствен начин да се легитимира е сите конститутивни гестови на современата македонска држава да ги прогласи за предавства … Вториот страв е страв од сведоците на излишноста, на непостоењето и се поврзува со политичарите кои ги изнеле тие конститутивни акти на македонската државност – базично Киро, Борис и Зоки. Нив треба да ги прогласат за ’криминални умови‘ и тука се нели: куферчињата пари, кесите пари, струјата, јагленот, сега марихуаната, Дубаи и сл“.

Кога знаете што го мачи мудрецот, брзо сфаќате дека неговиот јазик брзо го наоѓа забот што го боли. Тоа е во човековата природа. И без да ја прочитам Фрчковата „бравура“ од теза (што педантно ја цитирав, за тие што не го познаваат човекот толку добро колку што го познавам јас), мене ми е јасно дека во „војната за меморијата“ на Фрчкоски сепак му е најважно да се избори тој, а не некој друг, да ги прогласува најважните луѓе „кои ги изнеле конститутивните акти на македонската државност“ и ако има потреба, тој да прогласува „криминални умови“.

Интересно е дека Фрчкоски списокот на „државотворците“ го свел на три лика – Киро, Борис и Зоки.

Бидејќи ги навел така, маалски интимно, претпоставуваме дека станува збор за Глигоров, за Трајковски и за Поки.

Фрчкоски скромно себеси се изоставил од списокот на „базичните“. И нема потреба. Ние знаеме кој ги „смислил“ тие конститутивни гестови, а кој потоа морал да се помачи да ги „изнесе“ пред граџанството.

Значи, тоа се тие тројцата.

Базично.

За нив се врзуваат Уставот, Рамковниот и Преспанскиот.

А Љубчо, Петар, Бранко … некој друг од СДСМ?

Јеби га, тоа е. Немаме ние други државотворни гестови.

Декларацијата за самостојност, сувереност и независност на Република Македонија и Референдумот за самостојност не се конститутивни гестови. Па нема потреба да се спомнуваат Љубчо Георгиевски, првиот премиер Никола Кљусев и другите министри од првата македонска влада, или не дај боже Стојан Андов, на пример.

Особено е важно на списокот на „базичните“ никако да нема имиња од ВМРО-ДПМНЕ, партија која, нели, не можела да се „пронајде“ во ниту еден важен таков, демек конститутивен гест.

Добро, го разбираме тоа Фрчково хејтање, ги разбираме и мотивите и причините. Да му дадеме агреман да си биде таков.

Но, зошто на тој список ги нема Петар Гошев, Бранко Црвенковски и другите асови на СДСМ? Зарем никој од нив нема некаква базична врска со гестот на „изнесување“ на Уставот, како и со неговите многубројни амандмански „дотерувања“?

Немаат ли Љубчо и Бранко некаква врска со „изнесувањето“ на Рамковниот договор? На сликана од потпишувањето во Охрид, тие се само статисти?

Меѓу Киро и Зоки Поки, вториов познат по конститутивниот гест наречен Преспански договор, не може ли да се пронајде ниту еден друг „државотворец“, макар и од сдсмовска провениенција?

Албанците уште ли пливаат кон Италија?

Нема ниту еден базично битен Албанец?

Или Албанците сè уште пливаат кон Италија, откако Фрчковски им се закани дека во војната во 2001 година Македонија требало да ги повика Бугарија и Грција да интервенираат, по што ние Македонците можеби ќе сме зборувале бугарски, но затоа, пак, Албанците ќе пливале до Италија?!

Се извинувам за оваа хејтерска „бравура“, но ве молам, не е моја, станува збор за изјава на Фрчкоски во интервју со Васко Ефтов за телевизија Сител. Во тоа интервју од 2001 година, Фрчкоски уверува дека „тие (Албанците) не можат да продуцираат структура, тие не можат да продуцираат ни мала Албанија“. И после доаѓа оној конститутивен гест од истата 2001 година, кога Албанците сепак продуцираат некаква „структура“. Или и нивниот претставник во Охрид само се слика со Љубчо и со Бранко, за успомену и дуго сечање? Фрчкоски потоа со години тој гест ќе го толкува како заслуга на Борис Трајковски. И своја, се разбира, бидејќи во тие години, ако не сте знаеле, професорот е советник на претседателот Трајковски.

А што вели Киро за куферчето?

И кога сме веќе кај „војната за меморијата“, редно било Фрчкоски да ги консултира и базично важните Киро, Борис и Зоки Поки. Од нив тројцата, жив е само Зоки. Само, тоа не мора да значи апсолутна предност за никого. Бидејќи, меморијата може да биде и заебана работа.

Киро Глигоров во 2001 година напиша книга мемоари. Книгата се вика „Македонија е сè што имаме“. Фрчкоски би рекол дека насловот му е базично згрешен, ама некои од сеќавањата на Стариот лисец (така си го викавме Глигоров, без злоба) навистина се многу интересни.

Ајде да ја провериме Фрчковата теза дека ВМРО-ДПМНЕ ги дифамира „базичните“, во случајов првиот македонски претседател Киро Глигоров, наводно обвинет за „куферчињата со пари“. Еве што вели Киро Глигоров на оваа тема во своите мемоари:

„Имаше, тоа првпат ќе го кажам, еден навистина незамислив обид преку грчките специјални служби да се влијае и врз мене, и тоа на извонредно груб начин, да ја прифатам грчката солуција, да направам нешто за да се откажам од името Македонија …Еден ден министерот за внатрешни работи, Фрчковски, ми предложи да примам некои соработници од Службата за да ме известат лично за нешто од нивната работа. Ги примив, а тие ми кажаа дека имале некоја средба со нивни ’колеги‘ од Грција дека тие официјално им рекле да ми пренесат лично мене дека доколку попуштам околу името, готови се да ми префрлат, на која банка сакам во светот, милион долари“, пишуваше Глигоров.

Но чекајте, тоа не е сè!

Овие тврдења Глигоров ги кажал и на суд. Таму Глигоров детално ги опишал средбите со Фрчковски и како тој посредувал во обидот македонскиот претседател да се подмити со скапоцена амфора, со луксузен часовник, па дури со куферче со пари, кои биле подарок од грчки разузнавач, за да го „омекнат“ да се откаже од името Македонија.

„Го отвора куферчето, полно до горе долари. Тука има сто илјади долари. Овој кога си заминуваше, ми рече: ’Јас морам да му се отплатам на претседателот што толку време бев тука, и, ми го даде ова куферче да ви го донесам. Тоа е негов подарок.‘ Јас го гледам – а, бе, велам, Фрчко, зар не разбра ти онаа амфора кога ти ја вратив и часовникот, дека за таква работа, мене не ме бива. Добро, сега, човекот ги даде парите, сега што да правиме рече тој …“, ја опиша Глигоров непријатната случка со Фрчкоски.

Деталите за оваа драма со „куферчето“ ги опишаа повеќе македонски медиуми. Киро Глигоров почина на 1 јануари 2012 година. Фрчкоски имаше доволно време да го демантира овој исказ додека Киро беше жив. Колку што ми е познато, тоа не е сторено.

Ретуш, манипулации и лаги

Затоа, ќе се согласам со професорот Фрчкоски, дека е многу важно, како што вели тој, „да се обескуражи ревизијата на фактите“.

Под услов и тој да не го прави тоа.

Не е коректно да се ревидираат фактите за тоа кој се обидел да го поткупи Киро Глигоров. Самиот Глигоров кажува кој.

И не може за Киро Глигоров да се зборува како за „базичен“ за државотворноста на Македонија, без да се каже кој го поканил да дојде во Скопје и кој го храбрел да остане тука, во моментите кога разочаран од рашомонијадата околу неговиот прв избор за претседател, бил спакуван во куфери и решен да се врати во Белград.

Значи, не може да се зборува за Киро, без базично да се спомне Петар Гошев. Не само поради Киро. Поради целината на процесот на демократизација на Македонија.

Не може да се зборува за Љубомир Фрчкоски министерот, без да се спомне Бранко Црвенковски премиерот и лидер на СДСМ.

Не може да се зборува за Фрчкоски советникот на Борис Трајковски без да се спомне Доста Димовска. А не може да се зборува за Фрчкоски и за „Достич“, без да се спомне … ај не е важно кој.

Базичните факти не суштествуваат надвор од нивниот базичен контекст. Надвор од контекстот, тие се ретуш, манипулации и лаги.

Теза шуплива и испразнета од значење

Државотворните „гестови“ за кои зборува Фрчкоски и во кои тој не може да го „пронајде“ ВМРО-ДПМНЕ не суштествуваат надвор од нивниот историски и политички контекст. А контекстот го сочинуваат низа процеси и настани, со кои се поврзани повеќе македонски политички партии и лидери, интелектуалци, јавни личности, медиуми итн.

Еве кусо, едноставно објаснување на значењето на контекстот. Киро е – Македонија е сè што имаме. Зоки е – Македонија е сè што немаме. Не одат Киро и Зоки заедно, надвор од историските контексти.

Така е тоа. Најбазично. Никако поинаку.

Приказната дека базата се Киро, Борис и Зоки Поки – тројцата во ролјата што им ја доделува „уставотворецот“, независно дури и од нивните сеќавања за контекстите – тоа е приказна за мали деца.

Тоа е наратив за уште една евтина дискфалификација на ВМРО-ДПМНЕ.

Без ВМРО-ДПМНЕ, како и без СДСМ, партија од која Фрчкоски беше исшутиран (знае кога и знае зошто), ниту еден конститутивен гест не би бил можен. Тоа е факт, кој ја покажува огромната, страотна дупка, поради која целата теза на Фрчкоски е шуплива и испразнета од какво било значење.

Вмровци, дајте бре еден гест над сите гестови!

Но, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ, како што вели професоров, сепак не можело да се „пронајде“ во ниту еден државотворен гест, верувам дека е крајно време таа слабост партијата токму сега да ја надомести, со гестови поважни од сите претходни.

После толку многу државотворење, редно е една македонска власт во меморијата на овој народ да остане запаметена како власт којашто одлучно и без компромиси им задала силен, онака баш базичен удар во ребра, на криминалците, на митаџиите и на хохштаплерите од сите сорти, на недискриминирачка основа.

Сите бандити со куферчиња мито и корупција – на купче!

И да, бедруго да видиме кој се богатеше со јагленот на државна сметка.

И да, нека се растури тој смрдлив бизнис со марихуаната, нека се фатат сите профитери. И сите дилери. Сите дувачи и шмркачи да паднат во апстиненцијална криза.

И да бре, како бонус, еден силен удар врз Кланот Дубаи.

Е тоа, вмровци низаедни, би бил еден навистина силен државотворен гест. Баш по мерка на Фрчкоски.

Неволно, ама би го запаметил за сва времена…

ПС. Ако случајно Фрчкоски под Зоки мислел на Зоран Заев, еве исправка – секаде погоре каде што пишува Поки, читајте Заев.

Поврзани содржини