ДОВЕРБАТА ОД МИЦКОСКИ Е ОБВРСКА КОН МАКЕДОНИЈА Ковачки презема клучна функција во ВМРО-ДПМНЕ
Новоназначениот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ вели дека довербата од Христијан Мицкоски е обврска кон партијата, членството и државата.
Новоназначениот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, порача дека функцијата што ја презема е голема чест, но и сериозна одговорност, нагласувајќи дека партијата продолжува обединета кон нови победи под лидерството на Христијан Мицкоски.
– Одговорноста е голема, но честа да се служи како генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ под лидерството на Христијан Мицкоски е огромна – напиша Ковачки во објава на Фејсбук.
Тој истакна дека довербата која му ја укажал претседателот на партијата ја доживува како обврска не само кон раководството, туку и кон членството и државата.
– Дадената доверба што ми ја укажа претседателот Мицкоски е обврска кон идејата, кон членовите на партијата и кон Македонија – посочи Ковачки.
Во својата објава, новиот генерален секретар се заблагодари и за поддршката што ја добива од партиските структури, нагласувајќи дека фокусот останува на сплотеноста и посветената работа.
– Благодарен сум за поддршката, за вербата и за можноста заедно да продолжиме по патот на сплотеност, чесна борба и посветена работа – напиша тој.
Ковачки упати благодарност и до досегашниот генерален секретар, Ѓорѓија Сајкоски, за неговиот ангажман и придонес во партиската организација.
– Благодарност до досегашниот генерален секретар Ѓорѓија Сајкоски, кој несебично и целосно беше посветен на организацијата – истакна Ковачки.
На крајот, тој порача дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со јасна цел и заедништво.
– Продолжуваме обединети, со срце и со јасна цел, во нови победи за ВМРО-ДПМНЕ и иднина каква што ја заслужува Македонија – напиша Ковачки.