ИРАН ЌЕ СЕ БРАНИ СО НОВО ОРУЖЈЕ И ЌЕ ГАЃА НОВИ ЦЕЛИ АКО САД ГО НАПАДНАТ Иранската револуционерна гарда најави промена на географијата на војната

Светот ќе биде изненаден. Нашите цели повеќе не се исти како порано. Идентификувавме нови цели што сè уште не биле нападнати, рече портпаролот на Корпус на Исламската револуционерна гарда, Хосеин Мохеби

0

Иранскиот Корпус на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) денеска соопшти дека Техеран ќе го промени своето оружје и географијата на војната доколку САД извршат нов напад врз Иран.

– Доколку се случи нов напад, нашите одбранбени и офанзивни операции значително ќе се променат. Ќе ги промениме оружјето и географијата на војната и ќе внесеме нови способности со нови капацитети на теренот. Светот ќе биде изненаден. Нашите цели повеќе не се исти како порано. Идентификувавме нови цели што сè уште не биле нападнати – рече портпаролот на ИРГЦ, Хосеин Мохеби за време на телевизиско гостување, зборувајќи за низа актуелни прашања од конфликтот.






Според него, Иран произведувал одредени видови оружје и пред и за време на конфликтот, а нивните капацитети постојано се подобруваат.

Мохеби тврди дека дел од арсеналот, што го опиша како иранско „стратешко оружје“, не бил користен во претходните фази од војната.

– Доколку има нова агресија, дефинитивно ќе има значајни промени во нашата одбрана и контраофанзива – рече тој.

Додаде дека Иран е подготвен за долготрајна војна која, според нивната перспектива, се одвива во различни фази.

– Војната не завршува, туку продолжува. ИРГЦ веќе беше подготвена за војна, а сега е уште поподготвена. Примарната мисија на војската е да ја брани земјата – нагласи Мохеби.

Тој додаде дека ИРГЦ не комуницирала со САД и дека иранските вооружени сили не воделе дипломатски активности.

Можеби исто така тврди дека американската доминација во регионот е завршена и дека Иран, а не Вашингтон, го обликува новиот регионален поредок.

Овие изјави доаѓаат во услови на зголемени тензии меѓу Иран и САД околу Ормускиот Теснец. Двете земји и понатаму имаат силни несогласувања околу пловидбата низ овој стратешки воден пат, низ кој пред војната минуваше околу една петтина од светската потрошувачка на нафта.

САД и Израел на 28 февруари почнаа големи напади врз Иран, при што беа гаѓани владини згради, воени објекти, ракетна инфраструктура и системи за противвоздушна одбрана. Иран одговори со ракетни и со напади со беспилотни летала врз Израел и американските бази низ регионот на Блискиот Исток. Војната беше прекината со примирје во април, а во јуни беше потпишан меморандум за постигнување конечен мировен договор во рок од 60 дена, кој  пропадна неколку недели подоцна. Сепак, преку посредниците Пакистан и Катар продолжуваат напорите за ставање крај на конфликтот.

Поврзани содржини