НА ФОКУСНЕТ ВО СТАРТ МУ БЕШЕ ЗАСТАРЕНО ОTШТЕТНОТО ПОБАРУВАЊЕ Пензионирана судијка ги појаснува дилемите во спорот Фокуснет-Телеком

Колешката што го пресуди предметот донесе правилна одлука која и јас би ја потпишала, но Апелациониот суд направил ужасна грешка кога досуди надомест на штета - пишува судијката Јакасановска, која првично го водела случајот.

230

Дури и да се прифати дека фирмата Фокуснет има право на надомест на штета од Македонски Телеком, за тие три месеци во 2002 година, кога фактички не ја добивала договорената услуга, барањето за отштета би им било застарено, затоа што за прв пат е поднесено 5 години по настанувањето на штетата – пишува судијката Маринела Јакасановска како реакција на анализата на Плусинфо на оваа тема.

Јакасановска, која е сега во пензија, е судијка која работела на случајот „Фокуснет против Македонски Телеком“ за кој Апелациски суд досуди астрономска отшета од 4 милиони евра. Оваа пресуда е обжалена пред Врховниот суд, Републичкиот судски совет расправа за разрешување на судијките од апелација кои ја донесоа таа пресуда, додека Јавното обвинителство ги испитува сомнежите за злоупотреба на службената положба и овластување.






„Во врска со написот во Плусинфо за спорот меѓу Фокуснет и Македонски Телеком констатирам дека напишаното во врска со предметот на спорот е точно. Само би додала дека и за случај да се прифати дека Фокуснет би имал право на надомест на штета за трите месеци, кога фактички не користел договорена услуга во 2002 година, барањето би му било застарено бидејќи тужбата е поднесна по истекот од 3 години од сознавањето за штетата и 5 години – апсолутен рок, од нејзиното настанување – пишува судијката Јакасановска.

Таа објаснува дека го водела овој предмет во првостепена постапка, но откако заминала во пензија тој бил даден на нејзина колешка, која го отфрлила тужбеното барање на Фокуснет.

– Предметот првично го судев јас. Имаше долг прекин поради решавање на претходното прашање пред КЗК (Комисија за заштита на конурентноста) која имаше генерална одлука за постоење на повреда, но немаше определено точен период кој бил опфатен со повредата.

После многу години прекин, огромен број докази кои се изведени, обемни вештачења, предметот припадна на друг судија бидејќи заминав во пензија. Колешката што го пресуди предметот донесе правилна одлука која и јас би ја потпишала, но Апелациониот суд направил ужасна грешка кога досуди надомест на штета.

Секогаш кога сум судела во предмети со финансиски „моќни“ странки сум инсистирала на исведување на сите предложени докази, затоа што одбиен доказ би значел пристрасност, бидејќи ЗПП не дозволува во жалбената постапка да се изведуваат докази кои не биле претходно одбиени од првостепениот суд. Ако на секоја странка без исклучок и го реализираш правото, нема основ за сомнеж дека донесената одлука има за основ неморален или недозволен мотив. Сето ова сум им го кажувала на сите слушатели на обуките за судии и јавни обвинители што ги држев во Академијата за судии и јавни обвинители од 2007-2021 година – пишува судијката Јакасановска.

 

БИТКА НА ДАВИД ПРОТИВ ГОЛИЈАТ ИЛИ СУДСКИ СПАКУВАНА ИЗНУДА Што се крие зад пресметката Фокуснет – Македонски Телеком?

 

 

 

 

Поврзани содржини