АХМЕТИ И МИЦКОСКИ ЌЕ ИМААТ ДОПОЛНИТЕЛНА ТЕТ-А-ТЕТ СРЕДБА Не е ДУИ против една изборна единица, ама бара изборен праг од 5 отсто
Во врска со укинувањето на техничката влада треба да се консултираме со европските партнери кои учествуваа во процесот со кој беше воведена, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по лидерската средба.
Претседателот на ДУИ Али Ахмети ќе има дополнителни средби со премиерот Христијан Мицкоски, затоа што на лидерската средба што се одржа денеска во Клубот на пратениците не се стасало да се дискутира за сите прашања.
– Ова е прва средба во ваков формат. Останаа недоразгледани повеќе точки за кои сакав да разговараме, некои теми останаа неапсолвирани. Разговаравме за членството на Македонија во Европската Унија, тоа е прашање на кое сите мора да се ангажираме со голема посветеност. Премиерот нè извести за неговите средби и разговори со претставниците на меѓународната заедница. Ние сме на располагање да помогнеме со цел нашата земја да го заземе заслуженото место во ЕУ. Во врска со изборот на народниот правобранител, тоа е прашање за кое треба да се заземе став и да се реши и ќе има дополнителни консултации со координаторите на пратеничките групи, за да се најде решение. За остатокот од прашањата кои имав замислено да ги покренам, одлучивме дополнително да се сретнеме со премиерот Христијан Мицкоски на тет-а-тет средби – рече Ахмети по средбата.
Друго прашање беше Изборниот законик, додаде Ахмети.
– Разговаравме за една изборна единица. Ние не сме против, ама ние сакаме една изборна единица со отворени листи и минимален изборен праг од 5 отсто. Треба да се разгледаат и модалитети за гласање на дијаспората – рече Ахмети.
Во врска со укинувањето на техничката влада, додаде тој, треба да се консултираме со европските партнери кои учествуваа во процесот со кој беше воведена т.н. пржинска влада.
На новинарско прашање зошто ДУИ не го поддржува предлогот за народен правобранител Ахмети одговори бидејќи не се одвивале консултации за таа тема како што налагаат демократските процеси.
– За измените на Законот за прекршоци за „Сејф сити“ и за Бадентер во Уставниот суд ќе разговараме дополнително на средбите со премиерот Мицкоски. Ние се согласуваме со „Сејф сити“, како проект кој е покренат уште пред една деценија, а треба да се разгледаат и амандманите кои се поднесени во Собранието – рече Ахмети.