РЕВИЗОРИТЕ НЕ ВИДЕЛЕ ФАЈДЕ ОД ПОТРОШЕНИТЕ 250.00О ЕВРА ЗА ПРОМОЦИЈА НА ЗОНИТЕ Државата изгради 16 развојни зони, дел од нив зјаат празни

Со ревизијата е утврдено и дека инвестициите во тек, извршени во зоните во износ од 68,9 милиони евра се водат како материјални средства во подготовка и за нив не се пресметува амортизација, иако во најголем дел се ставени во употреба.

284

Државниот завод за ревизија (ДЗР) во ревизијата за 2024 година обелодени дека иако државата преку Дирекцијата за ТИРЗ управува со 16 технолошко-индустриски и развојни зони (ТИРЗ) и 3 индустриски зони, дел од нив зјаат празни или полупразни бидејќи нема доволно инвеститори.

Утврдено е дека 287 хектари од вкупната корисна површина на ТИРЗ и индустриските зони не се дадени под закуп. Дополнително во 7 од вкупно 16 зони, на вкупна површина од 203,5 хектари, и една индустриска зона на површина од 3,2 хектари не се ставени во функција.






Државата почнала и постапка за формирање нови зони на територијата на Општина Куманово и Општина Липково.

Со ревизијата е утврдено и дека инвестициите во тек, извршени во зоните во износ од 68,9 милиони евра се водат како материјални средства во подготовка и за нив не се пресметува амортизација, иако во најголем дел се ставени во употреба. Причина за ваквата состојба е тоа што не се исполнети условите и законските решенија за добивање одобрениja за употреба.

Утврдени се и недоследности во процесот на планирање на јавните набавки и реализација на склучените договори.

Ревизорите утврдиле дека јавните набавки во дирекцијата на ТИРЗ биле планирани без претходни анализи на трошоците и без физибилити студија за економска оправданост и без проектни документации иако станува збор за капитални инвестиции.

Таква набавка имало и за објектите за времено сместување и амбулантата за прва помош, градинки и складишта со пратечки содржини (паркиралишта) во ТИРЗ Скопје 1 и ТИРЗ Скопје 2, како и во ТИРЗ Штип и ТИРЗ Прилеп. По принцип „клуч на рака“, во 2023 година е склучен Договор вреден 28,9 милиони евра. За реализација на договорот на крајот на 2023 година бил исплатен аванс од 20% од договорената вредност, во износ од 4,9 милиони евра.

Исто така, утврдени се и слабости во реализацијата на договорот, кој не содржи јасно уреден начин на плаќање за изработка на проектната документација, што создава правна несигурност и финансиски ризик за договорниот орган. Дирекцијата на ТИРЗ во јули 2025 година доставила информација до Владата за потреба од спогодбено раскинување на овој договор.

Извештајот покажува и дека за изградба на административен објект во ТИРЗ Штип во декември 2022 година е склучен Договор во вредност од 3,5 милиони евра, но утврдени се значајни слабости во неговата реализација.

– Склучен е анекс за дополнителни и непредвидени работи како резултат на недоволно прецизна проектна документација и пресметка, при што изградениот потпорен ѕид и пристапната улица не се опфатени со проектната документација за која е издадено одобрение за градење, што не е согласно Законот  за градење. Изведувачот започнал со набавка и монтажа на пречистителна станица без претходно одобрение за измени во тек на градба од надлежното министерство – наведуваат ревизорите.

Во јануари 2023 година ДТИРЗ склучила договор за консултантски услуги за избор на партнер за јавно-приватно партнерство за ТИРЗ Гевгелија во износ од 634.832 евра со рок на реализација од една година, кој со анекс е продолжен до април 2024 година. Ревизијата утврдила дека објавените два јавни повика за избор на партнер за ЈПП во 2023 и 2024 година биле поништени бидејќи не била доставена ниту една понуда.

– И покрај тоа што договорот е реализиран во вкупен износ од 538.016 евра, односно 85% од вредноста на договорот, клучните активности од проектната програма поврзани со избор на партнер и склучување договор за ЈПП не се реализирани, што укажува на несоодветно користење на буџетските средства – наведува ДЗР.

Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони во 2023 година и покрај тоа што има сопствена маркетинг служба преку рамковни спогодби ангажирала две надворешни агенции за промоција на странски директни инвестиции, маркетинг и изработка на промотивни материјали во износ од близу 250.000 евра за период од две години, која со анекс од февруари 2024 година е зголемена за дополнителни 47.967 евра односно го зголемила износот за 19%.

Во 2023 и 2024 година преземени се обврски во вкупен износ од 274.000 евра, но ревизорите не ги виделе резултатите од оваа промоција.

Во периодот од 2009 до 2023 година во зоните кои не се ставени во функција реализирани се инвестиции во вкупен износ 2,3 милиони евра или 3,4% од вкупниот износ на материјални средства во подготовка и тоа по основ на изградба на основната внатрешна инфраструктура, проектна документација и експропријацијата на земјиштето.

Според ревизорскиот извештај, на име обврски по задржан депозит во сметководствената евиденција на ДТИРЗ се евидентирани близу 650.000 евра кои потекнуваат од минати години по склучени договори за изведување градежни работи.

– Во зоните инфраструктурата се гради во фази, а согласно издадените одобренија за градење, техничкиот преглед може да се направи на конечно изградена инфраструктура како функционална целина, односно по добивање на одобрение за употреба од надлежното министерство, поради што ДТИРЗ не го враќа задржаниот депозит на изведувачите, а објектите се водат како материјални средства во подготовка. Овие состојби предизвикале наталожени обврски по овој основ и реален ризик од покренување на судски постапки од страна на изведувачите.

– Во извештајот нотирано е дека по Договор за закуп на деловен простор, склучен во јануари 2024 година, исплатен е депозит во износ од 116.764 евра, за кој поради недоследности во условите и примопредавањето на просториите, во декември 2024 година се преземени активности за спогодбено раскинување на договорот за закуп и поведена е судска постапка, но депозитот до денот на известување од ревизијата не е вратен од страна на закупецот – наведува ДЗР.

Ревизорите утврдиле и дека до крајот на 2024 година не била донесена тригодишна инвестициона програма како долгорочен документ за планирање на активностите на ДТИРЗ. Програмата е донесена во декември 2024 година и се однесува за период 2025 – 2027 година.

Ревизијата укажува на повеќе системски слабости поврзани со објектите кои се водат како инвестиции во тек, управувањето со државната помош и законската неусогласеност во делот на платите.

Поврзани содржини