СКАНДАЛ ВО УХМР, 488.000 ЕВРА ЗА СОМНИТЕЛНИ НАБАВКИ Кривична за екс-директорот и уште седуммина вработени

МВР се сомнева дека при две набавки во Управата за хидрометеоролошки работи биле избирани неисправни понуди и одобрувани фактури со невистинити податоци. Според пријавата, на две фирми им била овозможена корист од вкупно 487.700 евра.

0

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против девет физички и едно правно лице поради сомнежи за злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување исправа при спроведување набавки во Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Според МВР, со спорните постапки на две правни лица од Скопје и Битола им била овозможена противправна имотна корист во вкупен износ од 30.026.836 денари, односно околу 487.715 евра.

На 15 октомври 2026 година, Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против осум вработени во УХМР, управител на правно лице од Битола и едно правно лице од Скопје.






Според пријавата, И.Т. (53), во својство на вршител на должноста директор на УХМР, ја злоупотребил службената положба со цел да овозможи противправна имотна корист за други лица. МВР наведува дека тој донел две одлуки за набавки за ист настан во различни периоди, иако знаел дека постапките се правно нецелосни и процедурално неисправни.

Наместо да ја користи спецификацијата со вкупните потребни количини на услуги, постапката, според наводите во пријавата, била спроведена врз основа на изменета спецификација со единечни количини. Дополнително, одлуките за избор биле донесени без претходно изготвени и потпишани записници за отворање на понудите и извештаи за спроведените постапки.

И покрај наводните неправилности, И.Т. донел одлука за избор на најповолен понудувач и во име на УХМР склучил договор со правно лице од Скопје за набавка на услуги. Со тоа, според МВР, на фирмата ѝ била овозможена противправна имотна корист од 29.244.786 денари, односно околу 475.000 евра.

Во вториот случај, директорот донел одлука за избор на најповолен понудувач и склучил договор со правно лице од Битола за печатење промотивни и работни материјали и набавка на ситен инвентар. Според кривичната пријава, на оваа фирма ѝ била овозможена противправна имотна корист од 782.050 денари, односно околу 12.715 евра.

Кривично се пријавени и Р.Б. (61), претседател на комисијата за спроведување на набавката, како и Н.А. (63) и Ј.М. (58), членови на комисијата. Според МВР, тие постапиле спротивно на утврдените услови и критериуми, иако биле свесни дека понудата на фирмата од Скопје била доставена со задоцнување и не ги исполнувала условите, додека понудата на фирмата од Битола била технички неисправна.

Наместо да подготват и потпишат соодветни записници и извештаи, членовите на комисијата, според наводите, преку формален записник предложиле избор на понуди врз основа на критериумот „најниска цена“, иако за сите ставки од техничката спецификација немало понудени цени.

Во пријавата се опфатени и А.С. (43), која ја изготвила одлуката за набавка, како и С.А.М. (64) и С.С. (61), кои ја одобриле. МВР наведува дека тие знаеле за правните и процедуралните недостатоци на одлуката, но сепак ја изготвиле, потпишале и одобриле.

Дополнително, А.С., С.А.М. и С.С., според пријавата, учествувале во обработката и одобрувањето фактура без придружни докази, која содржела невистинити коефициенти. Со тоа, како што се наведува, биле верификувани неточни финансиски податоци и била овозможена неоснована исплата.

И Л.К. (64), контролор во Секторот за финансии, е опфатена со пријавата бидејќи, според МВР, одобрила и пуштила во реализација фактура без соодветни докази, која не била во согласност со понудата и техничката спецификација. На тој начин, според наводите, била пропуштена задолжителната финансиска контрола и била овозможена неоснована исплата.

Кривична пријава е поднесена и против В.Х. (48), управител на правното лице од Битола. Според МВР, тој доставил понуда што не ги исполнувала формалните и техничките услови утврдени во документацијата за набавката.

Во случајот со правното лице од Скопје, МВР наведува дека неговиот тогашен управител и одговорно лице, С.С., кој е починат, доставувал фактури до УХМР со невистинита содржина, кои не одговарале на понудените цени и на обемот на извршените услуги.

Според МВР, со наведените дејствија на осумте вработени во УХМР им била овозможена противправна имотна корист од 29.244.786 денари на правното лице од Скопје и 782.050 денари на правното лице од Битола. Пријавените се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластување, соизвршителство и фалсификување исправа, во зависност од нивната улога во случајот.

Поврзани содржини