ДАЈТЕ МИ ДА ВИДАМ ШТО СУМ ПРОПУШТИЛ, КОЈ ЗАКОН СУМ ГО ПРЕКРШИЛ Градежниот инспектор Георгиев побара да биде ослободен од обвинението за пожарот во „Пулс“
Барам повеќе да не се става во контекст зборот пренамена во врска со овој објект, затоа што веќе не знам колку пати кажавме и докажавме дека тука не постои пренамена, туку дека имало промена на дејноста, за која градежната инспекција нема никакви ингеренции. Градежната инспекција може да затвори градилиште, а стопански објект – не, рече инспекторот Георгиев во својот воведен збор на денешното судење за пожарот во Кочани.
Барам обвинителите да ми посочат кој закон конкретно сум го прекршил во мојата работа, со што сум јас одговорен за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, рече денеска градежниот инспектор Огњен Георгиев.
Тој на почетокот од денешното рочиште во Кривичниот суд побара да добие збор и да даде свое воведно излагање, затоа што не сфатил дека и тој лично како обвинет има право да се изјасни по воведните зборови на неговиот бранител.
Рече дека со години работел како градежен инспетор и никогаш немал наредби за контрола на дискотеката.
– Законот и овластувањата секогаш беа примарни за мене и затоа за време на работата немав никакви проблеми во врска со позитивната законска регулатива. Со ниедна странка немам изгубено спор на суд. Јас со оваа трагедија немам ништо, обвинет сум без никаков основ. Никогаш не сум бил во објектот, ниту бил во моја надлежност. Наведените правни изрази како трајно кривично дело, соизвршителство, умисла, небрежност, за мене не се во ред. Барам од Јавното обвинителство да го преиспита обвинението и јас и моите колеги да бидеме ослободени – рече Георгиев.
Тој објасни дека на објектот не му е вршена пренамена.
– Барам повеќе да не се става во контекст зборот пренамена во врска со овој објект, затоа што веќе не знам колку пати кажавме и докажавме дека тука не постои пренамена, туку дека имало промена на дејноста, за која градежната инспекција нема никакви ингеренции. Градежната инспекција може да затвори градилиште, а стопански објект – не. Не може да забрани стопанска дејност. Суштината на нашата одговорност е во нашите законски обврски. ЈО досега не ни ги лоцираше нам, на обвинетите, кои законски обврски сме ги пропуштиле, а поради кои настана пожарот. Повикувањето на законски обврски на толку различни структури по дејност, не само што е несериозно, туку се коси со принципот на законитост на кривичното право. Должност на обвинителот е да укаже и да докаже кои се моите пропусти или непреземање на мерки. Вака како што ме обвинувате не можам, а да не кажам дека не сум виновен. Дајте ми да видам што сум пропуштил. И јас барам правда, исто како и сите други – рече градежниот инспектор Огњен Георгиев.