ДЕМИ МУР ПРОТИВ ТРЕНДОТ НА ДЕСЕКСУАЛИЗАЦИЈА НА ЖЕНИТЕ Актерката не го разбира трендот на „машки“ фризури во средните години
Актерката Деми Мур (62) која беше прогласена за „Жена на годината“ од списанието „Гламур“ заедно со јужноафриканската пејачка Тајла, изјави дека жените стануваат помалку женствени и се десексуализираат себеси по менопаузата со „машки“ фризури.
Магазинот „Гламур“ (Glamour) ги откри овогодишните глобални добитнички на наградата „Жени на годината“, наградуваната актерка и филмска икона Деми Мур и јужноафриканската пејачка Тајла.
Актерката се појави на насловната страница на магазинот во провокативно издание, корсет без прерамки и здолниште.
Мур, која наскоро ќе полни 63 години рече дека откако ја избричила главата за филмот G.I. Jane, сакала само „да ја пушти косата повторно да порасне“.
Зборувајќи за својата долга коса, Мур објасни: „Често слушаме дека кога жените стареат, не треба да имаат долга коса. А некако, за мене тоа не држеше вода. Не верував во тоа и ми немаше смисла зошто би требало да биде така. И забележав, особено кај жени кои минуваат низ менопауза, дека сите некако ја кратат косата на речиси машки начин, со што самите се десексуализираат“.
Добитничката на „Златен глобус“ се пошегува дека е „мрзлива“ и не сака често да оди на фризер.
По успехот на нејзиниот филм „Супстанца“, актерката рече дека се чувствува поенергично од кога било.
Зборувајќи за својата кариера со актерката Маргарет Квали, нејзина партнерка во филмот Substance (2024), Мур откри дека инспирацијата за актерството ја добила кога како тинејџерка ја запознала германската манекенка и актерка Настасја Кински.
– Не беше тоа што таа е актерка, туку што имаше некаква удобност во сопствената кожа што јас ја посакував. Тоа ме насочи во тој правец – објасни таа.
И двете биле израснати од самохрани мајки, а Мур токму тоа го наведува како мотив за својата „самодоволност“.
Иако призна дека има помалку работа во Холивуд за жена во 60-тите години отколку во 30-тите, забележа дека тоа значи дека треба само да „работи понапорно“.
– Ако сакам да продолжам да ги правам работите што би сакала да ги правам, тогаш тоа може да значи дека треба да работам малку понапорно, дека можеби ќе треба да работам на поинаков начин за да го најдам материјалот што сакам да го правам или дека не можам само да седам и да чекам – вели Мур додавајќи:
– Не знам како ќе изгледа тоа. Гледам на некоја како Хелен Мирен и си велам: ‘Боже мој, таа има повеќе од 80 години’. И погледнете колку е динамична – работите што ги прави, разновидноста на проектите. Тоа ми кажува дека ‘уште имаме многу работа пред нас’. Ништо не е завршено додека сам не одлучиш дека е завршено.
View this post on Instagram