Како ја „проголтав“ книгата на Кочо Анѓушев „Таков каков што сум“

Јас и Анѓушев споделуваме закоренување во семејствата на кацари и брашнари во Велес, град, некогаш деловен, производствен и трговски центар на Балканот,кој доживеа да биде деградиран. Кочо и неговите соработници се неизбришливиот пример за можна ревитализација, конкретно на еден од згаснатите велешки индустриски капацитети, БРАКО. Но, тоа е само една од причините поради кои неговата книга е драгоцен учебник за идни претприемачи.

1,091

Ова писание нема намера да биде некаква пострецензија на книгата на Кочо Анѓушев „Таков каков што сум“,  туку директен впечаток од содржината и начинот на изнесеното во неа, што ме остави со „тешка“ обврска да не можам и написмено да не забележам некои мисли кои длабоко ми извираа додека ја прочитав книгата во еден здив.

Враќајќи се од одмор, за книгата разбрав дури на 24 септември, кога ја видов и веднаш ја купив во маркетот „Веро“ во ГТЦ, за да ја прочитам за два-три дена и без задршка да ги составам овие редови. За жал, во време на нејзиното излегување од печат во јуни, медиумите секако ѝ дале публицитет, но според мене, недоволно достоен и голем за вакво дело!






Ова е ретка книга на еден значаен претприемач, во која тој на македонската јавност ѝ предочува како се гради деловната пирамида, како сериозно треба да ѝ се посветите на избраната професија. Тоа е една апотеоза за упорноста во реализација на планираните проекти, но и јасен налог за потребната реална анализа за можна имплементација на поставените цели.

Книгата „Таков каков што сум“ на Кочо Анѓушев - автибиографија за една успешна кариера

Значи, драгоцен учебник за идни претприемачи!

Опомена за димензиите на нивните  зафати, за односот кон општествените и економските лимити, а особено за врските и односите со дневно-конфузната политичка атмосфера, во било која средина во која претприемачите мораат да „пливаат“, за да ги реализираат своите идеи.

Колку да е субјективно, изнесеното за филозофијата на животниот пат и за определбите на Кочо Анѓушев, фасцинира со толкувањето на неговите преземања и совети за развој и водење на производствените капацитети, подигнати речиси „од пепел“.

Не помалку се значајни неговите промисли, изнесените (би рекол, храбри) забелешки и толкувања за семејните и политичките околности, што влијаат на можностите/лимитите за развој на бизнисот. Директноста во неговите искажани ставови за овие области е за целосен респект, бидејќи скоро да не е присутна во писмените сведоштва на креативци од било која област.

Што се однесува до самиот текст, тој е кристално читлив и систематизиран за намената, јазикот е на завидно ниво, на високо литературно ново, така што овозможува изнесеното без мака да се следи и да ја постигне својата цел – да остави трага и да подучи.

На крај, ќе кажам дека мотивот за овие редови за книгата на Анѓушев лежи и во неговото и во моето закоренување во семејствата на кацари и брашнари во Велес, град кој низ вековите од деловен, производствен и трговски центар на Балканот и во Македонија, кој во 20-иот век ќе стане претежно и индустриски, ќе доживее своја деградација, со промените на политичките и општествени турбуленции во последната декада на минатиот век. Токму Кочо Анѓушев и неговите соработници се неизбришливиот пример за можна ревитализација, овде конкретно на еден од згаснатите велешки индустриски капацитети, БРАКО.

После оваа книга, најавата на Кочо Анѓушев дека на јавноста ќе ѝ презентира и други свои мисли и искуства во слична публикација, е секако добредојдена.

(Авторот е амбасадор)

Поврзани содржини