ЗАХАРОВА СО ОСТРА ЗАКАНА ДО РОМАНИЈА „Соодветни мерки“ по протерувањето на рускиот дипломат

Русија најави „соодветни мерки“ откако Романија го затвори рускиот конзулат во Констанца и протера дипломат, по инцидент со дрон во градот Галаци.

208

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова остро реагираше на одлуката на Романија за затворање на рускиот генерален конзулат во Констанца и протерување на конзулот, најавувајќи „соодветни мерки“ од Москва.

Захарова изрази „огорченост“ поради потегот на романските власти и порача дека реакцијата од руската страна нема да доцни.






– Соодветните мерки во врска со прогласувањето на рускиот генерален конзул за персона нон грата и затворањето на Генералниот конзулат нема долго да чекаат – изјави Захарова, пренесуваат руските медиуми.

Таа претходно ги отфрли обвинувањата за наводни руски беспилотни летала што летаат над Европа, оценувајќи ги како неосновани и недокажани.

Одлуката за затворање на конзулатот ја соопшти романскиот претседател Никушор Дан по седница на Советот за национална безбедност.

Тој изјави дека генералниот конзул на Русија во Констанца е прогласен за персона нон грата, а конзулатот ќе биде затворен, по инцидентот во градот Галаци, каде што, според романските власти, руски дрон удрил во станбена зграда и предизвикал експлозија и пожар.

– Синоќа се случи сериозен инцидент во кој беа повредени двајца граѓани, а целата одговорност за тоа е на Русија – изјави Дан, додавајќи дека безбедносните служби биле веднаш ангажирани.

Тој информираше и дека разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, при што инцидентот бил оценет како еден од најсериозните безбедносни случаи во Романија од почетокот на војната во Украина.

Романските власти нагласуваат дека остануваат во координација со НАТО и дека безбедносните мерки се засилени по последниот инцидент.

Поврзани содржини