ФУДБАЛСКА МАКЕДОНИЈА СЕ ПРОСТУВА ОД АГАН АСАНИ Загинатото 13-годишно дете било фудбалер на ФК Куманово
13-годишниот фудбалер Аган Асани од ФК Куманово загина во сообраќајна несреќа на патот Куманово–Скопје. Фудбалската јавност се простува од младиот талент.
Mакедонскиот спорт и градот Куманово се во жалост, по трагичната смрт на 13-годишниот фудбалер Аган Асани, член на младинските категории на ФК Куманово, кој загина во тешка сообраќајна несреќа што се случила синоќа на регионалниот пат Куманово – Скопје.
Според официјалните информации од СВР Куманово, несреќата била пријавена околу 21:10 часот, на влезот во селото Черкези. До трагедијата дошло при директен судир помеѓу патничко возило „мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од 24-годишниот Ф.С. од Куманово, и електричен тротинет кој го управувал младиот Асани. Тинејџерот им подлегнал на повредите на самото место.
Веста за смртта на младиот фудбалер предизвика силни реакции во македонската фудбалска јавност, а за трагедијата се огласија и од Фудбалската репрезентација на Македонија, од каде изразија длабоко жалење.
„Со голема тага ја примивме веста за загубата на нашиот фудбалер, Аган Асани. Изразуваме искрено сочувство до семејството Асани. Аган засекогаш ќе остане во нашите срца“, стои во објавата.
Од ФК Куманово и неговите тренери се простуваат од младиот играч со пораки полни со болка и неверување, истакнувајќи дека неговиот придонес и спомен ќе останат трајно запаметени.
Тренерот Исмет Зеќири во изјава за јавноста нагласи:
„Со длабока тага ја примивме веста за смртта на нашиот 13-годишен играч, Аган Асани. Неговата загуба длабоко нè погоди како клуб, оставајќи голема болка кај неговите соиграчи, тренери и целото семејство на ФК Куманово. Во ова тешко време, им изразуваме најдлабоко сочувство на семејството Асани, роднините и пријателите. Споменот на Аган секогаш ќе остане во нашите срца. Нека почива во мир.“
Полицијата и надлежното обвинителство извршиле увид на местото на несреќата, а се работи на утврдување на сите околности и причините што довеле до трагичниот исход.
13-ГОДИШНО ДЕТЕ ЗАГИНА ВОЗЕЈЌИ ТРОТИНЕТ Малолетник смртно повреден по удар од автомобил