Вето фрлено на ЕУ-буниште

Надминување на блокирањето, всушност, би се случило со „заобиколување“ на унгарското вето. Целта е да се промени преговарачката рамка, така што поединечните преговарачки поглавја ќе можат да се отворат со одлука со квалификувано мнозинство, иако тие сè уште ќе треба да бидат едногласно одобрени по преговорите.

496

– Нема да дозволиме ниту една земја, а особено не Виктор Орбан, да ги донесува одлуките наместо нас. Мора да најдеме решение и да најдеме пат напред со Унгарија – нагласи данската премиерка Мете Фредериксен, која беше домаќинка на неформалниот самит на ЕУ во Копнехаген.

Таква решителност деновиве изразија и други нејзини европски колеги. – Доколку е можно, ние го поздравуваме тоа – изјави шведскиот премиер Улф Кристерсон во Стокхолм пред ЕУ-советот во Парламентот-Риксдаг.






Со тоа тој ги поддржа напорите на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој работи на план за надминување на блокирањето на преговорите за пристапување на Украина и Молдавија од страна на Унгарија.

Надминување на блокирањето, всушност, би се случило со „заобиколување“ на унгарското вето. Целта е да се промени преговарачката рамка, така што поединечните преговарачки поглавја ќе можат да се отворат со одлука со квалификувано мнозинство, иако тие сè уште ќе треба да бидат едногласно одобрени по преговорите.

Сепак, правната ситуација е сложена. Постојат две различни толкувања на правилата на ЕУ. Според едно гледиште, средни чекори би можеле да се преземат без едногласност, односно со „заобиколување“ на ветото откако првичната одлука за отворање преговори ќе биде донесена едногласно. Второто, порестриктивно толкување, бара едногласност за секој поединечен чекор.

– Малку попуритански настроените адвокати веруваат дека секој чекор мора да биде едногласен – додава Кристерсон за да објасни какви пречки постојат во однос на напорите на Кошта да се овозможи почеток на претпристапните преговори со Украина. Големото прашање е дали Унгарија може да се убеди да ја прифати промената на правилата, а за што во крајна линија е потребна едногласност.

Така отприлика во моментов се одвива напорната дискусија околу блокирањето на процесот на ЕУ-проширување, иако не е првпат да се заговара „прескокнување“ на нечие национално право на вето, за, како што вели данската премиерка, чија земја моментно е претседавач со ЕУ, да ја „изградиме Европа која ќе биде силна колку што е можно повеќе.“

Но и понатаму останува нејасно кој и на каков начин се смета и прифаќа како дел од Европа, и од ЕУ, како заеднички европски дом. Посебно гледано од аспект на пуританизмот кој често се манифестира при потенцирањето на значењето на заедничките европски вредности во пристапниот процес за членство, за кој постојано се истакнува дека треба да биде базиран, пред сè, врз заслуги и квалитетни реформски резултати.

Во секој случај, правото на вето е вистинска „светост“ за секоја ЕУ-членка, но решение како да се заобиколи ветото на Унгарија, со јасно демонстрирана преговарачка волја, и, се разбира, со силен притисок, сепак веќе беше најдено и порано. Силата на повисоките, колективни интереси и „неприкосновеното“ право на вето понекогаш тешко се изедначуваат на терезија.

И лани темата, значи, беше како да се изнајдат начини да се заобиколи Унгарија да не ја кочи ЕУ. Владата на Виктор Орбан, патем речено, досега блокираше голем број одлуки на ЕУ во надворешната и безбедносната политика, и тоа не само кога станува збор за поддршката за Украина.

Во такви услови обично се прибегнува кон трговија околу строгите барања. Унгарската влада лани ветуваше дека ќе го повлече своето вето против одлуките на ЕУ во замена за ослободување на замрзнатите 6,3 милијарди евра помош од Унијата, поради критиките во однос на кршењето на демократските принципи во Унгарија. Но, како што се тврдеше од повеќе извори, таква нагодба беше отфрлена од страна на ЕУ.

Уште од почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година, ЕУ-лидерите не сакаат да покажат дека изгледаат пасивно. Украина беше компензирана со големи зборови и статус на кандидат за членство, без оглед на фактот дека Киев не ги исполнува сите услови. Многумина ширеа уверувања дека ЕУ ќе ја пушти Украина во секој случај.

На тој начин, ЕУ ги разбуди надежите во Украина за добивање посебен статус во рамките на ЕУ. Во исто време, продолжува и вообичаената реторика на Брисел така што најмоќните лидери на Унијата сепак велат дека Украина мора да ги исполни сите критериуми.

Најновиот развој на настаните и бранување на духовите во ЕУ повторно ја потврдува подготвеноста да се замижи пред политиката на двојни аршини. Ветото, употребено како ефикасен инструмент за притисоци и уцени, наоѓа многу подецидна примена во други делови на Европа, како, на пример, на Балканот, за кој зачудува фактот дека Брисел веќе со децении покажува пононшалантен и непринципиелен однос. Важноста на заедничките европски интереси, за жал, нема секаде еднаква тежина. Се чини дека никој на сличен начин не се обидувал да го „заобиколува“ бугарскиот државен врв, за да се изврши притисок Софија да се воздржи при гласањето за отворање на пристапните преговори на Македонија за членство.

Сосема е јасно дека токму правото на вето мошне често ја парализира подготвеноста на ЕУ за дејствување и на таков начин ја држи како заложник поради одделни национални интереси. Насекаде во Европа може да се слушне дека ЕУ се соочува со мошне сериозни безбедносно-политички состојби и дека затоа мора да стои „силна и обединета“. Тоа, се разбира, звучи добро. Но проблемот е всушност во тоа што „силна“ и „обединета“ одвај може да се комбинираат со начинот на кој ЕУ ја манифестира својата готовност за акција. Секоја од 27-те членки љубоморно го чува своето право на вето во однос на секоја поважна одлука на меѓународен план. Со таков заеднички именител (читај: црвен картон) е тешко да се управува гломазен систем каков што е ЕУ, бидејќи станува тромав и спор. Неефикасен.

Правото на вето, посебно кога се користи, односно злоупотребува, за понижување, заплашување и вршење непринципиелни притисоци, веќе подолго време предизвикува иритираност. Дебатата околу негово укинување сигурно ќе се засили во наредниот период. Ќе продолжат и заложбите за јакнење на европскиот суверенитет. Но за тоа да биде можно, извесни жртви сепак ќе мора да бидат направени токму на штета на националниот суверенитет. Можеби со фрлање на „црвениот картон“ во корпа за отпадоци.

Колку што е познато, никој во изминатите дваесетина години не се потрудил да ги натера грчките лидери да излезат од салата и да се напијат кафе, па така да се воздржат и да го прескокнат проблемот со името на нивниот северен сосед, секако во интерес на забрзувањето на регионалното вклучување во европските интеграции. Бугарското и грчкото вето се токму најсилната карта извадена од ракавот, која го решава исходот на играта во нивна полза. Улогата на ЕУ тука се сведуваше главно на пасивен набљудувач. Досега во Брисел само Орбан беше истуркан да пие кафе во ходникот пред салата за состаноци, изнесувајќи го со себе и ветото, потпикнато како стара хартија во задниот џеб.

Токму затоа, нема никакво сомневање дека ветриштата што дуваат од Брисел, сепак, кога „нуждата“ го налага тоа, можат да го издуваат ветото во некој затемнет ќош во сутеренот на седиштето на ЕУ. Иако засега нема доволно јасни сигнали дека правото на вето  навистина е на пат да се заглави и исчезне некаде на ЕУ-буништето.

Поврзани содржини