Бркајќи некакви загари и зајци, Ахмети го фрли гордиот орел во калта
Не можеш себеси да се идентификуваш со орел, а противникот да го навредуваш нарекуваjќи го загар. Орелот е симбол на гордост, независност, сила, будност, но и на широка перспектива. Оваа тесноградост, оваа фрустрација и непристојност, тоа не е политика. Тоа е нискост. Дно. Кал.
Од ДУИ и од Али Ахмети во ова предизборие очекуваме воинствен вокабулар. Очекуваме атаци, кавги, закани, провокации…
Нервозата е чест и лош сојузник на луѓето кои чувствуваат дека нивното време поминало и дека можеби веќе живеат во минатото, оптоварувајќи ги своите наследници со своите фрустрации.
Сепак, наспроти очекувањата, мислам дека сите сме изненадени од нискиот старт на Али Ахмети на почетокот на кампањата.
Требаше да слушнеме воинствени повици, а не уличарски пораки и недостоинствени навреди.
Наместо со промоција на една сериозна опозициска алтернатива, наместо со идеи, проекти или со платформа со која би го убедил електоратот да гласа за кандидатите на коалицијата предводена од ДУИ, Али Ахмети реши изборната кампања да ја почне со зборот „загари“.
Навистина, на промотивна конвенција во неделата, Ахмети зборуваше и за Рамковниот договор, за соработка со САД, ЕУ и со НАТО, за тоа дека неговите противници ги загрозувале правата на Албанците и создавале меѓуетнички тензии и слично. И сето тоа е во ред. Некои негови метафори и алузии ќе беа разбрани и како дел од една ретро политичка агенда и како политички фолклор на кој сме навикнати. Да не беа оние непристојни зборови на Ахмети во директното обраќање до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ:
„Мицкоски, со загари се оди на лов на зајаци, но не и на орли. Орелот не се бори со загари, слуги и некадарници кои ги дресирате за да нè оцрните. Орли, летајте високо во синилото, загари, чувајте се од зајци“.
На сите ни е јасно дека Ахмети живее во својот свет на недопирливи идоли и „команданти“, кои мислат дека можат да владеат засекогаш со презир. Но, ваква непристојна провокација немаме слушнато цели 35 години, од првите избори во самостојна Македонија, кога се „расправаше“ за орли и за сечење канџи. Можеби и за лавови, кучиња, мачиња … не се сеќавам веќе.
Не беше неочекувана ни реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ до лидерот на ДУИ: „Имаме порака до Али Ахмети: не си ти орел, туку обично врапче. А во суштина, ни вие не сте орли, туку криминални и корумпирани страчки. Најгласни се токму најисплашените“.
Она што сепак најмногу изненадува во речникот на Али Ахмети – околу чија глава секогаш сме гледале ореол на мудрост и фокусираност на интересите на Албанците – е што сега, на овие години, токму на овие избори, тој решил да го извалка симболот со кој се идентификуваат Албанците.
Изгледа Ахмети и ДУИ си имаат голема мака штом го прават тоа што не смее да го прави еден горд Албанец и штом фатиле да зборуваат за ловење, загари, зајци и за слични глупости.
Можно ли е Ахмети да не разбрал што кажал?
Не, не е можно. Нема Албанец којшто не знае дека орелот е симбол на гордост, независност, сила, будност, но и на широка перспектива. Дека не е случајно тоа што токму овој симбол бил избран на знамето што го подигнал Исмаил Ќемали при прогласувањето на независноста на Албанија во 1912 година. Дека не е случајно и тоа што името кое Албанците го употребуваат меѓу себе за себе (Shqiptarë) значи „луѓе на орелот“ или „деца на орелот“.
Орелот не заслужува вака да се валка во калта. Албанците не се загари, а не си ни овци за стрижење тоа да не го разберат.
Време е Ахмети да научи дека времето на ароганцијата во Македонија е завршено и дека оваа генерација Албанци, меѓу себе, како и со Македонците и со сите други граѓани, негуваат взаемна почит. Да, таа почит во Македонија не е доволна, за сите да се чувствуваме уште покомотни и поблиски во оваа заедничка татковина. Тоа го знаеме и знаеме дека ќе мора многу да се работи да бидеме подобри.
Но, Ахмети би требало да сфати дека веќе подолго време политиката во Македонија – посебно кога зборуваме за етничкиот дискурс – задолжително подразбира и елементарен респект кон политичките противници.