Наука наместо стравови!
Да живеам на богатство и да не смеам да го користам зашто некој требал да земе некакви финансиски привилегии од некој фонд или некој грант, а економскиот и стратешкиот интерес на државата и граѓаните не го ни зема предвид.
Последните збиднувања со пожарите кои се случија во депониите и во фабрика за управување со отпад првенствено не се случајни и се многу загрижувачки. Македонија и нејзините граѓани имаат право да ја дознаат целата вистина за тоа кој се осмели да ги труе и тоа постепено. Ова се докажува со мерење не на ПМ честички, туку на диоксини и фурани.
Лично мојот став ако ги земам податоците дека во Македонија има повеќе од илјада сметилишта, народно кажано „Буништа“ односно мали диви депонии, пожарите на депониите во Скопје поточно Дрисла, Вардариште (претоварна станица) и во Шуто Оризари може да се заклучи дека се намерно запалени и тоа е рамно на терористички чин. Казната мора да биде јасна, недвосмислена и согласно законите и уставот на Македонија.
За пожарот во магацинот во Трубарево во објекти каде порано се чувале крави за производство на млеко и млечни производи, а сега пренаменети за батерии, акумулатори и друг електричен отпад, сите сценарија за пожарот се повеќе од загрижувачки. Од почит кон истрагата нема да споделувам детали, некој ќе мора сериозно да одговори по кои стандарди ја доделил лиценцата за работа. Создале заедно „Тивок убиец“.
Сепак, ние кои ја сакаме оваа држава немаме право да промовираме страв, туку напротив да ги повикаме одговорните да се сконцентрираат дека за олку сериозни теми кои бараат експертски пристап може да се зборува само со личности кои се професори, студенти или завршиле на темата управување со отпад, дека тоа го прават на комплекс факултетите во Карпош 2, пред сѐ, Машинскиот и Технолошко-металуршкиот факултет и двата од Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Другото е тешка импровизација и срам за нашиот образовен систем.
Токму вложување во образовниот систем од страна на државата, пред сѐ, и од општествено одговорни фирми кои им е во интерес да стипендираат нивни идни инжинери ќе придонесат да народот верува во науката, а не во сејачите на страв и омраза, чија една и единствена цел им е да си ги остварат своите лукративни финансиски визии, а Македонија да ја оддалечат од сите позитивни економски текови.
Еден таков пример е измамата наречена „Рудници на смртта“. Да живеам на богатство и да не смеам да го користам зашто некој требал да земе некакви финансиски привилегии од некој фонд или некој грант, а економскиот и стратешкиот интерес на државата и граѓаните не го ни зема предвид.
Токму оваа поранешна и сегашна европска економска заедница е заснована на договорот за јаглен и челик. Денес истата потврдува дека мора да се осамостои по однос на користење на други видови метали кои ги има наречено „Критични“: литиум, бакар и никел.
Литиум имаме само наслаги, значи немаме количини за економска исплатливост, за никел ја имаме фабриката ФЕ-НИ, која со увоз може да работи, ама имаме одлични и за наши услови огромни количини бакар.
За оние кои ги плашат граѓаните, имам нова информација. Професорите и понатаму ќе ги игнорираат, а на граѓаните ќе им објаснуваат јавно.
Пренесувам дел од интервјуто за Канал 5 на проф. д-р Горан Начевски, раководител на Институтот за екстрактивна металургија при Технолошко-металуршки факултет, инаку мој ментор на магистерскиот труд: „Добивање на злато со тиосулфатна постапка…“
И ова го правам бидејќи во последниве години, околу прашањето на отворање рудници во Македонија се создаде атмосфера на страв и недоверба. Се шират алармантни пораки, често без реална основа, кои кај граѓаните предизвикуваат чувство дека рударството е синоним за уништување на животната средина и земјоделието. И ова се случи бидејќи во јавноста ретко кога можеше да се чуе гласот на науката. Но, кога станува збор за економски и стратешки важни теми, неопходно е да се слушаат луѓето кои целиот свој живот го посветиле на проучување на оваа индустрија – професори, инженери, експерти – а не актери, музичари и слични јавни личности кои се водат повеќе од емоции отколку од факти.
Еден од најчестите стравови е прашањето: „Дали е нормално луѓето да се плашат дека нема да има земјоделство ако рудникот е отворен?“
Одговорот на професорот е јасен: „Имаме такви нови методи и за екстракција и за преработка на руда кои се модерни и еколошки. Ова значи дека можеме да имаме истовремено производство и да нема загадување, ако е целосно контролирано.“
Другиот голем мит е дека отворени копови неизбежно ја уништуваат околината. Но, вистината е поинаква:
„Рудници се отворени и во Европа. Има 25.000 оперативни рудници низ целиот свет и животната средина не е загадена. Зошто? Бидејќи постојат пропишани мерки. Секој рудник добива еко-дозвола, која дефинира различни мерки за заштита на животната средина“, вели професорот Начевски.
Слично е и со темата за јаловината – чест предмет на стравувања и шпекулации. Но, според професорот: „Иако е вистина дека јаловината, сама по себе, негативно влијае на животната средина, таа се депонира во специјални базени… основата е заштитена со непропустливи мембрани; постојат методи за згуснување или филтрирање, со што јаловината се суши наместо да биде влажна.“
Дури и за сценаријата на „катастрофални дефекти“ кои често се користат за заплашување на јавноста, науката нуди одговор:
„Рударството може да влијае на земјоделството само во случај на дефект на браната. Но, постојат мерки дури и за такви случаи. Имате прва брана, втора брана, индикатори за каков било дефект, и тоа постојано се следи.“
Овие аргументи покажуваат нешто едноставно: рударството не е бауч од народните приказни, туку современа индустрија која, ако се почитуваат сите стандарди и критериуми, може да функционира без да ја загрози животната средина.
Затоа е крајно време да направиме разлика помеѓу јавен перформанс и стручна анализа. За иднината на нашата економија, земјоделство и индустрија мора да им веруваме на оние кои знаат, а не на оние кои зборуваат најгласно.