САМО ВО МАКЕДОНИЈА ИМА ТОЛКУ РЕАЛНИ ПРИКАЗНИ ШТО ЛИЧАТ НА НАУЧНА ФАНТАСТИКА Тамара Котевска ги раскажа патешествијата на филмот „Силјан“, од кражбата и болвите, до номинациите за Оскар

Некако излегува како непишано правило дека кога ќе ти украдат вреден снимен материјал и ќе фатиш болви, на крај излегува толку успешен филм. Така беше и во случајов со „Силјан“ - рече режисерката Тамара Котевска на прес-конференција на која го раскажа процесот на снимањето на филмот кој е македонски кандидат за Оскар за најдобар интернационален филм и кандидат за најдобар документарец и најави уште една бомбастична вест која ќе ја соопштат деновиве.

653

Режисерката Тамара Котевска која веќе имаше голем успех како коавтор на „Медена земја“, македонскиот документарен филм кој во 2020 имаше две номинации за Оскар, повторно е македонски кандидат за Оскар за најдобар интернационален филм и за најдобар документарец со филмот „Силјан“.

– Овој филм ме убеди дека, иако имав прилика да правам и други типови на приказни, најмногу сакам, но и најдобро знам да раскажам приказни од Македонија. Толку добро ја познавам и ја сакам нашата земја, што секогаш ме фасцинира тоа што само тука наоѓаме такви реални приказни, кои личат на научна фантастика – рече Тамара Котевска на прес-конференција на која се појави за да ги сподели со новинарите вестите за успешниот пат на филмот „Силјан“.






Продуцентот на филмот, Јорданчо Петковски и режисерката објаснија дека „Силјан“ настанал случајно, во пауза, додека се подготвувале за снимањето на долгометражниот филм „Човек против јато“.

– Од старт филмот требаше да биде всушност краток документарец со кој сакав да ја покажам промената на миграцијата на штрковите, што за мене, како некој што се занимава со животна средина, ми беше битно да го покажам. Имено, со појавата на се повеќе диви депонии, штрковите кај нас престануваат да мигрираат, остануваа да јадат тука, на депониите и притоа голем дел од нив умираат. Кога го запознавме Никола (протагонист во филмот) и видовме дека и самиот е во една транзициска фаза кога треба да почне да работи на депонија бидејќи имаат сериозна криза со земјоделието, паралелата беше премногу атративна за мене како автор. Поминав уште 6 месеци истражувајќи и зборувајќи со професори по земјоделие и биологија за да ги најдам паралелите помеѓу двата видови и беше фасцинантно тоа што ние во Македонија ја имаме таа приказна и дека таа се случува пред наши очи – објаснува Тамара додавајќи дека најфасцинантниот момент за неа бил односот кој овој човек го има со штркот кој, патем, не му е ни прв штрк за кој се грижел, ниту пак е единствениот човек кој чува штрк.
– Луѓето, особено од пределот на Чешиново и Стојаково, кадешто има најмногу штркови, имаат таква симбиоза со овие суштества што е навистина нешто посебно. Често се случува да паѓаат штркови и тукашните жители да ги чуваат. Имаме и една сцена во филмот во која гледаме како пред кооперација во селото неколку старци и неколку штркови си седат заедно и тоа е токму една таква нереална сцена која во Македонија е реалност – раскажа Тамара.

Инаку, патот на „Силјан“ не бил ништо полесен од оној на „Медената земја“, од барањето на финансиери, до почеток во кој учествувал само мал тим составен од режисерката Тамара, снимателот Жан Дакар, монтажерот Мартин Иванов и продуцентот Јорданчо Петковски.

– На почеток беше тоа истражување за филмот „Човек против јато“ во кој имав една сцена со штрк, како симболика на полодност која и таму ја врзувам со губењето на плодноста на земјата, кој прелетува над нива. Бидејќи штрковите се недостапни диви животни, таа сцена за нас беше научна фантастика и незнаевме како ќе ја снимиме и дали воопшто ќе успееме да ја снимиме. Земавме дрон кој во лет може да ги менува објективите и благодарение на тој дрон имаме спектакуларни кадри од штрково торнадо кога се доближуваме буквално до окото на еден штрк. Но, требаше време за да им се доближиме. Штрковите првин се плашеа од дронот и лошо реагираа, па сфативме дека треба да му посветивме време на секое гнездо и откривме дека треба да ги следиме птиците од моментот на испилувањето, од мало штркче кое само што се извело и да го следиме целиот процес кој трае неколку месеци, како расте, како учи да лета, како полетува. На тој начин неколку гнезда се буквално израснати со нашиот дрон кој им е буквално како мајка – опишува сликовито Тамара.

Сепак, целото патешествие било далеку од идилично како што звучи на прва. Напротив. Неколку месеци спиеле во трејлер одејќи од место до место, на локациите на околу сто гнезда кои ги добиле од македонското еколошко друштво, од кои некои биле и во многу непристапни предели.
Згора на се, им се случила и кражба, кога биле украдени објективи, лаптоп и доста квалитетен материјал, па после многу нервози и солзи, токму искуството од „Медена земја“ ѝ помогнало на Тамара да истрае и да продолжи со проектот, па сега вели:

– Некако излегува како непишано правило дека кога ќе ти украдат материјал и ќе фатиш болви, на крај излегува толку успешен филм. Така беше и во случајов.

А филмот е веќе успешен. Во конкуренција од 20 филмови за „Наградата на Музата“ („Cinema and Arts Award“), „Силјан“ го освои првото место и беше прогласен за најинспиративен филм на Венецијанското биенале, а допрва го очекуваат уште многу фестивали и секако, номинации за Оскарите и уште една бомбастична вест која ќе ја соопштат деновиве.

Поврзани содржини