Сиви празнични честитки
Дури некои кои во еднo сиво време примаа плата на сметка и на рака, сега се осмелуваат да ни држат предавања за „животец со платичка помала дури и од просечната“, некои „сиви сили“ ги промовираат дури и во уредници, во претседатели на еснафски здруженија итн. Е па тоа е показател и резултат на наследените „сиви зони“ на коишто и овој 8 Септември им славевме 34 годишнина!
Кога сега ги гледате познатите фотографии од оној еуфоричен 8 Септември 1991 година и ова што денес се случува околу нас, ја гледате бездната што се отворила во изминативе 34 години. Не само што политичкиот мрак „изеде“ многумина од оние кои тогаш се топореа на бината, туку безднава се заканува да нѐ голтне сите сосе нашите анимозитети, суети, алчности, лаги…
Повеќе на прославите нема ни онакви насмеани лица, иако историјата покажа дека кај дел од нив тоа беа наместени насмевки, фингирана радост. Во тоа, меѓу другото, е и големината на фотографијата како медиум во историски размери.
Еден од тогашните учесници пишува дека „времето нè промени сите нас“, но се воздржува да посочи во која и каква насока. А тоа е всушност поентата на ваквите „прослави“!
Или, ако сакате, изминува уште еден 8 Септември во знакот на сивилото, иако новата власт сака – можеби и со право – да го види во некакви други бои. Но тоа не е и не може да биде плод само на желба, за жал. Иако, какви сѐ желби се тркалаа(т) кај нас, а некои и стануваа(т) јаве…! За ликовите на бината на тогашниот 8 Септември ќе пишувам во некоја следна прилика, но сега доминантни се некои други ликови кои на нивен начин ни го честитаат празникот. Којшто ним всушност ништо и не им значи!
Зашто, погледнете го само хирургон кој себеси се гледа небаре некаков малцински премиер, па дури и претседател кој – по којзнае кој пат – дели политикантски лекции за нашите политички опции со веќе „класичната“ исклучивост или/или, повторно свесно игнорирајќи ги „сивите зони“ на македонскиот абдомен во којшто тој, како „експерт“, игра една од главните улоги.
Токму таа локална „сива зона“ нѐ доведе до оваа параспур држава, во којашто уште еден хирург, ама овој влезен во ролјата на „водач“ на опозицијата, објаснува на неговиот неписмен „шатровачки“ македонски јазик кој за што бил „пратен“! Па после неговите во „куќниот совет“, но и во навивачките портали, изигруваат лектори и го корегираат во – следен.
И тие се само еден но изгледа водечки сегмент на таа „сива зона“, лидери на онаа булумента која здружено ја изгради современава политикантска провинција, а од којашто сега сака да избега првиот хирург, а вториот пелтечи за некакви „сојузи на светско ниво“ небаре тој сега и тоа ќе го контролира!
Но, велам современава сива провинциска зона зашто онаа другата, „историската“, започнаа да ја градат некои други уште во 1991 година. И „успешно“ ја негуваа(т), до денес.
Впрочем, ако некому му одговара Македонија да остане „сива зона“, тоа е токму оваа групација политиканти кои така успешно ја доосмислија во изминатите седум години, ја оградија со бодликава жица заради нивните мафијашки интереси и етаблираа сив вилает втемелен на неукост и неспособност и мислеа дека вечно во него ќе господарат. И тоа продолжува како пракса дури и по нивниот политички пораз, а секој обид за излегување од лудилото на нивниот криминоген интерес е напаѓан, навредуван, плукан… За тоа имаат цела спремна „сива армија“ бедници – домашни и странски – кои секој потег за превреднување на нештата и отворање на поинакви можности го гледаат како пропаст.
За нив, впрочем, најголем удар е последното навестувања на претседателот на Европскиот совет дека „нема да бараме ништо повеќе подоцна“ односно дека инсистирањето на Македонија за некакви гаранции „е разумно“! Но, разумно за кого? Коалицијата на македонската „сива зона“ и сличните сили во Бугарија предводени од нивниот министер за надворешни Георгиев веднаш и идентично реагираа и на профаќањето на Уставниот суд да расправа за уставноста и законитоста на оној налудничав т.н. Протокол бр. 2! А притиска и „армијата“ подметнувајќи ја таа обврска на судот како некакво „ново искушение“ што ќе покажело дали Уставниот суд може да биде на „висина на задачата или ќе носи одлуки со партиско замешателство“. Каква подлост!
Затоа и се обидуваат да оцрнат што повеќе можат, те со „изгубени Германци“, те за здодевниот говор „за неправдата кон Македонија (по илјадити пат), за Копенхашките критериуми, за билатерализацијата на спорот со Софија?“ итн. Тоа за нив се застарени „кукања“ коишто веќе никој не сакал да ги слуша. Тие би да ги слушаат Георгиев, Жељасков, Заев, Филипче, Ахмети… Кос, Калас, Елина Валтонен…! Какви ортодоксни „општествено-политички“ профитери беа токму тие ликови во социјализмот но и подоцна, какви замоци ни на небо ни на земја градеше овој комунистички „кадар“ а сега нам ни држи лекции…
И овој примитивен притисок поприма загрижувачки димензии, очигледно е добро диригиран однатре и однадвор, лови во матното и во не докрај расчистените ситуации (а ги има, дури и премногу!) и често останува без соодветен или компетентен одговор. Тоа – нерешителноста, некомпетентноста, неснаоѓањето… и др. – може новата власт во даден миг скапо да ја чини. Битката се одвива на повеќе фронтови, а мафијашката опозиција и нивната „сива армија“ не се раководат од никакви принципи. Во прашање се големи влогови, судбини на цели групации загазени до колена во долгогодишниот криминал и корупција.
Затоа и оваа узбуна во нивните редови, но и овој притисок во јавноста којшто некој, па и гласачкото тело во извесен процент, може да го прочита не како борба за спасување на кожата туку како форма на политички притисок. Што не е, се разбира, зашто сите негови манифестации се недоделкани, неуки, паланечки, фингирани и лажливи ветувања од полуписмени типови и политикантски шалабајзери.
Зашто, погледнете кој го велича Рама и дрдори за некакво рушење а пред носот уште им стои она „Скопје 2014“! Па што не го урнаа оној Заев и Шеќеринска, зашто токму на него, „со тркалезен печат“ заштитено пишува „Корупција и криминал“? Или зошто дозволија да ги дишат „со полна плуќа отровите од Вардариште и од цела држава“ ама сепак ја кандидираа за градоначалник онаа „госпожа“ која беше надлежна за тоа? Ама таа, надлежната, сега решила да го најави проектот „Скопје – град на мурали“, кој предвидува изработка на 100 нови мурали низ градот во текот на првата година од нејзиниот мандат зашто „Скопје е наш дом и сите сакаме да го гледаме како чист, убав и инспиративен град“. Па зошто ги преспавте цели седум години, па сега ви текна да цртате мурали?
А бидејќи веќе го спомнав „Скопје 2014“, сега „армијата“ го вади од некоја визба и „големиот“ архитект кој како претседател на една комисија ни го посеа централното градско подрачје со кич-до-кич „скулптури“. Па тој ни говори за тоа дека „Скопје има жители коишто не го сакаат“, спомнува имиња од форматот на Витрувиј, Алто, Хајдегер…, говори за градови како Љубљана мислејќи дека ќе го избрише сопственото злосторство! И ваквите лекции, од такви луѓе, ни се секојдневно „добро утро“ – поправо лошо! – како континуитет на една убеденост дека никој ништо не им може, дека ним според заслугите за бившиот хибриден режим им е дозволено и понатаму да нѐ малтретираат со нивните ступидарии, да ни продаваат кратко паметење и рог за свеќа. Што впрочем се покажува како точно бидејќи „сивата зона“ со нејзината армија го продолжува маршот на идиотизмот без никакви последици.
Дури некои кои во еднo сиво време примаа плата на сметка и на рака, сега се осмелуваат да ни држат предавања за „животец со платичка помала дури и од просечната“, некои „сиви сили“ ги промовираат дури и во уредници, во претседатели на еснафски здруженија итн. Е па тоа е показател и резултат на наследените „сиви зони“ на коишто и овој 8 Септември им славевме 34 годишнина!
И, за да ја комплетира „честитката“, уште еден од сивата армија провинциски „мудреци“ ни порача дека ние всушност сме барале „гаранција за некаков етнички идентитет“ и дека „не заслужуваме држава“ (sic)! И никој од оние „прoсветлени“ еврофили немаше забелешка на тоа. Напротив. Нивните празнични „честитки“ уште еднаш покажаа дека навистина не можат да видат ништо подалеку од носот. Или од џебот, како сакате!
Е па, нека ни е честит празникот, којшто сосем во духот на личното сивило, соодветно ни го честиташе и некогашниот претседател на Собранието Тито Петковски, во неговиот познат ординарно простачки дух и со како него сивиот безобразен речник!
Извор: Теодосиевски уметност