МЛАДИТЕ БЕГААТ, СТАРИТЕ ОСТАНУВААТ Од Западен Балкан си заминале 2,5 милиони лица, регионот останува без иднина?

Одливот на мозоци го празни регионот, а тоа чини 4 милијарди евра годишно, но кој ќе ја врати штетата.

592

Во последната деценија, повеќе од 2,5 милиони жители на Западен Балкан ја напуштиле својата татковина во потрага по подобар живот, покажуваат податоците на Светската банка. Евростат предупредува дека, доколку трендот продолжи, до 2050 година населението во регионот би можело да се намали за над 15 проценти – закана што сериозно ја загрозува економската иднина и продуктивноста на земјите како Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Албанија.

Масовното иселување на образован и стручен кадар – познато како „одлив на мозоци“ – станува еден од најтешките демографски и економски предизвици. Најмногу заминуваат млади луѓе со високо образование: ИТ-специјалисти, инженери, лекари и други профили со висока побарувачка. Истражувањата од 2021 година покажуваат дека повеќе од 70% од младите во БиХ размислуваат за заминување, додека во Србија тој процент се искачува на околу 80, според Центарот за студии на миграции, пренесува „Сарајево Тајмс“.






Последиците најдобро се гледаат во здравствениот сектор на БиХ. Од 2013 до 2020 година, повеќе од 5.000 лекари ја напуштиле земјата, покажуваат податоците на Лекарската комора на Федерацијата БиХ. Со оглед на долгото образование што го бара медицинската професија, нивното заминување создава директни економски загуби и дополнителен притисок врз здравствениот систем.

Комбинацијата од ниска наталитетна стапка и интензивна миграција доведува до забрзано стареење на населението. Сè помалку луѓе во работоспособна возраст треба да издржуваат сè поголем број пензионери – сериозен товар за пензиските и здравствените фондови. Во Србија, просечната возраст е околу 43 години, а во Хрватска – 45 години.

Според проценките на Програмата за развој на ОН (UNDP), регионот годишно губи повеќе од четири милијарди евра поради одливот на мозоци. Освен пад на бруто-домашниот производ и иновациските капацитети, државите се соочуваат и со намалени буџетски приходи, што ја ограничува можноста за инвестирање во инфраструктура, здравство и образование.

Сепак, не се сите вести негативни. Министерството за човекови права и бегалци на БиХ соопштува дека во последните пет години, преку програми за поддршка, во земјата се вратиле над 15.000 лица, најчесто високообразовани професионалци. Проекти како „Дијаспора за развој“, поддржани од УНДП и Швајцарската агенција за развој и соработка, активно ги вклучуваат иселениците во образованието и бизнисот во матичните држави.

Експертите сметаат дека решението бара системски пристап: подобри услови за работа, конкурентни плати, инвестиции во образованието и подобрување на бизнис-климата за стартапи и мали претпријатија. Дополнително, целните мерки за враќање и интеграција на експертите што се враќаат можат да ја претворат миграцијата во можност – доколку процесот се води стратегиски и долгорочно.

Поврзани содржини