НА ЧЕЛО НА СДСМ СЕ БУГАРОФИЛИ КОИ РАБОТАТ ЗА ТУЃИ ИНТЕРЕСИ Сè почна со фамозното интерју на Заев, кој нè изедначи со Бугарите
Претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски вели дека Македонија може да биде дел од Европската Унија единствено како достоинствена држава на македонскиот народ и на сите нејзини граѓани, со зачуван историски и национален континуитет.
Македонија мора да го продолжи европскиот пат, но без откажување од сопствениот идентитет, историја и национално достоинство, порача претседателот на Движењето ЗНАМ за наша Македонија, Максим Димитриевски.
Тој оцени дека континуираниот притисок за уставни измени од страна на актуелното раководство на СДСМ претставува продолжение на, како што рече, бугарофилската агенда која почнала со политиките на претходната власт.
– Таа агенда започна со политиките на Зоран Заев, со она фамозно интервју на БГНЕС, каде што нè изедначи и во јазикот и во нацијата. Дополнително следуваше изјавата на поранешниот претседател на државата Стево Пендаровски, кој што рече дека Гоце Делчев е Бугарин, и на тоа следуваше потпишување на фамозниот француски договор и целосна капитулација на нашата дипломатија предводена од Димитар Ковачевски, за да денеска го гледате истиот Венко Филипче кој што во континуитет инсистира на уставни измени, а сето тоа го потврдува на крајот и неговиот член на централниот одбор, Рубин Земон, кој што вели дека Гоце Делчев нема никаква улога во историјата на Македонија и го минимизира ликот и делото на еден од нашите најголеми револуционери во нашата понова историја – посочи Димитриевски во интервју на Сител.
Денешното инсистирање на уставни измени од страна на раководството на СДСМ, додаде, само го потврдува континуитетот на таквата политика.
– Со право можам да кажам дека Социјалдемократскиот сојуз, некогашната државотворна партија, во континуитет 8 години наназад е предводен од крајно бугарофилско раководство кое работи за туѓи, а не за македонски интереси – истакна Димитриевски.
Според Димитриевски, ЗНАМ останува цврсто на ставот дека Македонија може да биде дел од Европската Унија единствено како достоинствена држава на македонскиот народ и на сите нејзини граѓани, со зачуван историски и национален континуитет.
– Нашата цел е да го сочуваме она што е декларирано во АСНОМ и темелено врз Крушевскиот манифест. Ние можеме да бидеме дел од ЕУ само како Македонци, а не со негирање на нашиот идентитет – порача претседателот на ЗНАМ.
Нагласи дека Декларацијата на ЗНАМ со црвени линии за националните прашања останува отворена за сите политички субјекти и претставува основа за обединување околу државните интереси.
Во врска со тоа како ќе изгледа составот на новата влада рече дека е задоволен од работата на двајцата министри на ЗНАМ.
– Легитимно е од страна на мандатарот да бара промена на одредени имиња во Владата и во составот на Владата, но секако ние како владини партнери имаме свој удел во носењето на конечните одлуки. Ние како ЗНАМ сме апсолутно задоволни од работата на нашите двајца министри, Горан Минчен во ресорот на јавна и државна администрација и на Горан Филков во ресорот правда. И сите резултати што беа сработени. Првично во Извештајот на ЕК не беа споменати сите закони кои беа во постапка на изготвување, но во следниот извештај ние очекуваме позитивни резултати, бидејќи самите закони од Влада ќе поминат на Собрание и мнозинството ќе ги донесе со одредени измени и забелешки доколку ги има – рече тој.
Додаде дека иако немаат конечно разговарано за реконструкцијата, како владин партнер даваат забелешки за одредени ресори кои можат да бидат зајакнати, а премиерот тоа треба да го сумблимира со своите партнери и потоа да излезе со конкретен предлог.
– Кога влеговме во оваа влада бевме растоварени од бројот на ресорите. Баравме ресори каде што ќе се работи. Ресори со најмал буџет, каде што ќе се минимизира можноста од какви било коруптивни дејанија, не само на првите луѓе што ги водат, туку и на самите луѓе кои работат на клучните места во тие ресори. Дали во овој момент ќе ги задржиме ресорите или не, тоа ќе биде предмет и договор на коалицијата – рече Димитриевски.
Според него, за ЗНАМ е поважно како нова опција на политичкиот простор, којашто созрева, да има контиунуиирано политики што се во интерес на граѓаните и на државата.
– Во врска со тоа дали изборите ќе бидат следната година, или пак редовни, ние сме подготвени активно да учествуваме, бидејќи тоа е контрола за нас како нов политички субјект како се движиме на политичкиот простор и колку имаме реализирано од тоа што го имаме ветувано пред граѓаните – рече Димитриевски.