ЗЕМЕТЕ ТРАКТОРИ И ИЗОРАЈТЕ ОКОЛУ КУЌИТЕ Не чекајте пожарите да ви го загрозат домот, порача Стојанче Ангелов

Апелирам до сите: исчистете ги просторите околу куќите, барајте трактори, изорајте околу дворовите ако можете, барем десетина метри. Ако има земја без сува трева, без ниска вегетација – огнот нема каде да оди. Не може да ползи – изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

1,773

До 13:30 часот денеска, низ земјата се регистрирани вкупно 16 пожари. Од нив, 8 сè уште беснеат, 6 се држат под контрола, а 2 се целосно изгаснати. Најкритично е во регионот на планината Готен, каде што пожарот зафаќа подрачја на границата меѓу општините Василево, Радовиш и Берово – а огнените јазици се доближуваат и до некои села.

– Таму не станува збор за напуштени населби. Луѓе живеат таму. Апелирам до сите: исчистете ги просторите околу куќите, барајте трактори, изорајте околу дворовите ако можете, барем десетина метри. Ако има земја без сува трева, без ниска вегетација – огнот нема каде да оди. Не може да ползи – изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.






Тој истакна дека некои населби веќе се евакуирани превентивно, а паниката, вели, не помага – „има луѓе на терен, многу тимови, и работат со сè што имаат“.

Слично драматична е ситуацијата и во Општина Македонска Каменица, каде во близина на селото Косевица гори густа шума. Пожар беснее и во реонот на Крива Паланка, поточно кај селото Нерав, на чекор до српската граница.

На југозапад, во општината Македонски Брод, огнот се шири меѓу Црешево, Локвица и Крапа. Веќе десет дена таму не може да се влезе лесно – теренот е непрооден, а пожарот упорно одбива да биде скротен. Истото важи и за делови од Куманово и Старо Нагоричане, каде пламенот лизга низ ниската вегетација кај Облавце, Бељаковце, Довезенце и Јачинце.

Во Желино, пак, меѓу Церово и Групчин, огнот не се дава. Повеќепати е изгаснат, но пак се враќа – како да чека ветерот да му го отвори патот.

Надолу кон Прилеп, се шири нов пожар – од селото Бешиште кон Градешница и натаму, кон граничната линија со Грција. Друг фронт, кај селото Дрен, оди кон Галиште во Општина Кавадарци.

– Интервенираме со пинцгаури. Искрено, се покажаа како злато. Можат да влезат таму каде што друго возило не оди, и ни овозможуваат да стигнеме до огнот – рече Ангелов.

Но и покрај напорите, капацитетите почнуваат да попуштаат.

– Веќе е активиран ЕУ механизмот за цивилна заштита. Побаравме помош – авиони, хеликоптери, било што. Екипите на терен се исцрпени. Секој ден се справуваме со нешто ново – вели Ангелов.

Тој повторно ги повика граѓаните да помогнат.

– Чист двор, чиста линија – тоа е спасот. Ако нема што да гори, нема што да стигне до куќата. Не чекајте да дојде пожарникар, направете сами нешто пред тоа. Немаме доволно луѓе да бидеме насекаде. И – да, добро се справуваме, но само додека сите држиме страна – порача тој.

Поврзани содржини