СО КУЈНСКИ НОЖ ГО ПРОБОДЕЛ ВО ГРБ И ВО СЛАБИНА Обид за убиство на битолски пазар среде бел ден
Обвинителството во Битола покрена истрага против 42-годишен маж, кој со нож се обидел да го лиши од живот пазарџија – нападнал од зад грб додека жртвата работела на тезга.
42-годишен маж од Битола е осомничен за обид за убиство, откако вчера на „Новиот пазар“ во градот се обидел да лиши од живот продавач, при што го нападнал со кујнски нож од зад грб, додека оштетениот редел роба на тезгата.
Како што соопшти Основното јавно обвинителство Битола, напаѓачот му задал две убодни рани во пределот на грбот и слабината, пред да биде совладан од двајца очевидци. По кратката пресметка, осомничениот се дал во бегство, но подоцна бил идентификуван и приведен.
„Станува збор за кривично дело Убиство во обид, по член 123 став 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик. Обвинителството веднаш отвори истражна постапка, а поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и довршување на делото, предложивме на осомничениот да му се определи мерка притвор“, изјавија од Основното јавно обвинителство Битола.
Осомничениот ќе биде изведен пред судија на претходна постапка кој ќе одлучува по предлогот на Обвинителството. Според информации, оштетениот е надвор од животна опасност, а случајот предизвика вознемиреност меѓу пазарџиите и посетителите на Новиот пазар.
СВР Битола поднесе кривична пријава против К.С. за сторено кривично дело „обид за убиство” по член 123 став 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик, а судија на претходна постапка му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.