УСТАВНИ ИЗМЕНИ ЌЕ ИМА САМО АКО ДОЗВОЛАТ ГРАЃАНИТЕ Протоколите што ги прифати СДСМ оставија последици врз македонскиот државотворен концепт

Сè што е можно и реално што може да се направи за да се придвижи Македонија кон ЕУ, се прави и ќе се прави, но само врз основа на транспарентна и неоспорна согласност од македонските граѓани, вели пратеничката Иванка Василевска.

497

Има една работа која што Социјалдемократскиот сојуз на Македонија не може да ја разбере, и поради тоа ги изгуби изборите и затоа многу тешко ќе се крене повторно назад, истакна пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска во гостување на ТВ24.

Василевска објасни дека СДСМ во 2022 година прифатија протоколи со Бугарија кои влегоа во суштината на она што е државотворен национален македонски концепт и истите оставија огромни последици.






– Тие уставни измени, за оние малку што познаваат политички систем, значат и концепциски различен начин на уредување на македонската држава. Тоа значи дека ќе имате еден ентитет којшто ќе добие еднакви права со сите останати, иако и во оној дел на „останати“ во Преамбулата се почитувани и се заштитени човековите права и другите права и на оние коишто не се наведени како дел од државотворните заедници. Во овој контекст, овде се рушат и асномските темели, што не смееме да го дозволиме и не треба да го дозволиме. Се менува концептот на мешање на соседна држава во внатрешната политика, во внатрешниот културен, историски развој на една самостојна, суверена и демократска држава. Се менува генерално целата слика за тоа како е уредена Македонија, и кој е патот којшто треба да биде еднаков за сите што сакаат да пристапат кон европското семејство – рече Василевска.

Во врска со евроинтеграцискиот процес, Василевска испрати јасна порака дека сè што е можно и реално да се направи за да се придвижи процесот, ќе се прави, но само врз основа на транспарентна и неоспорна согласност од македонските граѓани.

– Тоа се комплексни прашања за коишто треба да добиеме согласност од македонските граѓани. Без внатрешен консензус, без одлука којашто граѓаните ќе ја дадат, да го направиме тој чекор, токму тука го гледам главниот камен на сопнување, заради којшто падна минатата влада. Во однос на целата дипломатска машинерија, сè што е можно и реално што може да се направи за да се придвижи ова, се прави и ќе се прави, но само врз основа на транспарентна и неоспорна согласност од македонските граѓани – рече пратеничката Василевска.

Поврзани содржини