СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА БАРА КРЕАТИВНИ РЕШЕНИЈА ОД ЕУ Македонскиот идентитет не смее да биде доведен во прашање
Македонија веќе 21 година има кандидатски статус, а евроинтеграциите и натаму се во застој. Претседателката на средба со европратнеици порачала дека политичка волја за деблокада мора да покаже и Европската Унија, а не само земјите кандидатки.
Европската Унија треба да понуди креативни решенија за надминување на долгогодишниот застој во македонските евроинтеграции, без да се доведува во прашање националниот и културниот идентитет. Ова го истакнала претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на средбата со четворица европратеници во Брисел, потсетувајќи дека Македонија веќе 21 година има статус на кандидат за членство во ЕУ.
Според соопштението од Кабинетот на претседателката, Сиљановска-Давкова нагласила дека политичката волја за напредок не може да се очекува само од земјите кандидатки, туку мора да постои и кај самата Унија.
Претседателката разговарала со европратениците Дан Барна од Романија, Тајс Ројтен од Холандија, Матеј Тонин од Словенија и Карло Реслер од Хрватска, претставници на три политички групации во Европскиот парламент.
Таа посочила дека Македонија останува посветена на европската интеграција и дека во изминатите години спровела значајни реформи, но пристапниот процес и натаму е во застој.
Соговорниците се согласиле дека местото на Македонија е во Европската Унија, независно од предизвиците на патот кон членството.
Дел од европратениците ги споделиле искуствата на своите држави, посочувајќи дека пристапувањето кон ЕУ може да трае долго, да биде проследено со тешки услови и дека постигнатиот напредок не секогаш добива соодветно признание.
Сиљановска-Давкова оценила дека постојаниот дијалог меѓу кандидатките и европските институции може да помогне во обновувањето на динамиката на проширувањето, кое го смета за стратешка инвестиција во европската стабилност, безбедност и единство.