ВЕЛИКА БРИТАНИЈА РАСПОРЕДУВА БОРБЕНИ АВИОНИ НА БЛИСКИОТ ИСТОК Стармер откри дека се подготвени за различни сценарија

Британскиот премиер одби да коментира дали Лондон имал претходна најава за израелските напади кои доведоа до најинтензивните судири меѓу Тел Авив и Техеран во последниве децении.

1,238

Велика Британија распоредува борбени авиони и воена опрема на Блискиот Исток, откако Иран ја предупреди дека нејзините бази во регионот ќе бидат мета доколку им помогне на Израел во тековниот конфликт, јави Скај њуз.

Британскиот премиер Киер Стармер, кој денеска отпатува на Самитот на Г7 во Канада, не ја исклучи можноста за воена поддршка на Израел, како што тоа се случи минатиот октомври кога Иран изврши балистички напад.






Иако Лондон досега не се вклучил во воените дејствија што Израел ги почна вчера, премиерот одби да даде конкретен одговор дали Британија повторно би интервенирала.

– Не би сакал да навлегувам во тоа. Станува збор за оперативни одлуки, а ситуацијата се развива и е многу динамична. Но, веќе префрлуваме капацитети во регионот, вклучувајќи и авиони, за да бидеме подготвени за различни сценарија. Тоа веќе се случува- изјави Стармер на новинарско прашање за време на летот кон Канада.

Стармер, исто така, одби да коментира дали Лондон имал претходна најава за израелските напади кои доведоа до најинтензивните судири меѓу Тел Авив и Техеран во последниве децении.

– Нема да откривам какви информации имавме тогаш или оттогаш. Секако, интензивно разговараме со нашите сојузници, но нема да навлегувам во детали. Размената на информации е постојана, и со нив, и со САД – додаде британскиот премиер.

Поврзани содржини