ЗАПАЛЕТЕ СВЕЌА ЗА ПОМЕН НА МРТВИТЕ Денеска е Задушница

197

Православните христијани денеска ја одбележуваат Задушница во знак на сеќавање на починатите, а утре ја празнуваат Педесетница – Слегување на Светиот Дух (Духовден).

Црквата пропишала посебни денови – задушници, четирипати годишно, кога верниците се молат за покој на душите на починатите. Задушница е секогаш в сабота, ден што црквата го одредила за помен и молитва за упокоените.






На Задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. Таа храна се дели со луѓето кои ги посетуваат гробиштата, со спомнување за спас на душата на покојникот. Обичај е на гробишта да се носи онолку свеќи колку што гробови се посетуваат.

На Задушница верните им даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души. Доколку на гробот некој му пријде од страна и се понуди да земе храна, иако е туѓинец, на овој ден никако не се одбива. Се верува дека е голем грев ако на Задушница некој на гроб одбие да земе храна или пак избрка туѓинец од гробот.

Кој не може да оди на гробишта, тој пали свеќа во црква.

Духовден, пак, го означува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, или како што го нарекуваат светите отци „Роденденот на Црквата“. На 10-тиот ден од Христовото вознесение, а на 50-тиот од Неговото воскресение, на еврејскиот празник Педесетница, Светиот Дух слезе врз апостолите во вид на пламени јазици, а тие се исполнија со сила и добија дар да зборуваат на разни јазици.

За црквата овој настан има посебно значење затоа што Светиот Дух од тоа време, па се до денес не ја напушта и непрестано слегува врз црквата на литургијата, во молитвите, во сите дела. Тој е оној Дух по кој христијанскиот живот се нарекува духовен. Педесетница е еден од најсветлитe празници во христијанството и претставува исполнување на старозаветните пророштва. Во Стариот завет луѓето знаеа само за Бог, со раѓањето на Христос го видоа Единородниот Син, а на Педесетницата го запознаа третото лице на Света Троица – Светиот Дух.

Поврзани содржини